Интересот за посвојување на деца без родители е четирипати поголем од бројот на деца кои чекаат да бидат посвоени. И покрај тоа што во моментов во регистарот се запишани 360 посвоители, а само 82 деца без родители, законските процедури налагаат долги временски рокови за изведување на целокупната постапка, кои траат со месеци, па и години. Чекањето на посвоителите, велат од Министерството за труд и социјална политика, освен од тоа колку деца има во моментот за посвојување, зависи и од тоа какви деца сакаат посвоителите да посвојат по однос на пол, возраст, здравствена состојба и националност, како и од материјалните, станбените, образовните услови и психосоцијалниот статус на посвоителите, пишува Вечер.
Со измените на Законот, пред се, очекуваме да се скратат роковите за посвојување, а со тоа оние коишто имаат поднесено барање за посвојување и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот ќе можат да го исполнат своето барање за посвојување на дете.
Новините од Предлог-законот предвидуваат детето да може да биде сместено во семејство на можни посвоители по девет месеци откако ќе биде утврдено дека не се знае каде живее неговиот родител. Тоа значи скратување за три месеци од претходно, кога тој рок изнесуваше 12 месеци. На девет месеци наместо на една година се намалува и рокот за посвојување во случај кога не е потребна согласност од родител, односно за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство од родител кој не пројавил интерес за детето.
Родителите кои сакаат да посвојат дете сега се бираат по електронски пат од единствената листа со три најсоодветни посвоители, за разлика од 2010 година, кога листата броеше пет потенцијални посвоители, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Од Министерството велат дека измените во Законот за семејство се направени за потенцијалните посвоители да добијат еднаков третман од повеќе аспекти.Имено, при изборот се земаат предвид здравствената состојба, психосоцијалниот статус, материјалните услови, времето на чекање, степенот на образование, брачниот статус и државјанството.
Вечер.мк