Пропадна и последниот обид на Градот да најде концесионер кој би го осовременил Луна паркот, а за возврат ќе управуа со него во следните 30 години. Ниту еден од економските оператори што подигнале тендерска документација не доставил понуда.
Поради ваквиот тек на настаните, градоначалникот Коце Трајановски, денеска изјави дека паркот ќе го гради Градот, со сопствени средства.
„Ако правиме Панорамско тркало, не значи дека нема да правиме Луна Парк. Проектот за паркот беше направен врз основа на студија, но не најдовме приватен инвеститор. Тие сметааат дека нема да биде профитабилно, затоа не инвестираат. Кога се правеше програмата за Луна паркот, беше посочено дека проектот е на граница на рентабилност. Од следната година во буџетот ќе се предвиди реализација на овој проект, а ќе побараме помош и од Владата. Според студијата, обновата на Луна паркот чини околу 7 милони евра. Но, тој ќе се гради етапно, година по година“, изјави Трајановски.
Според проектот, новиот Луна парк, треба да се гради на површина од 40.000 квадрати, а комплетната реконструкција би чинела од 9 до 12 милиони евра. Новиот парк треба да има современи реквизити и атракции за забава, угостителски објекти, затворен дел за играње, дел за продажба на сувенири, паркиралиште и техничка инфраструктура.
Нерентабилноста на проектот, што ја покажа физибилити студијата, наспроти огромната сума потребна за изградба на паркот, е основната причина за незаинтересираноста на инвеститорите.
Скопскиот Луна парк е изграден во 1973 година и зафаќа околу 20 илјади квадратни метри.