Владата го објави предлогот за нивелирање на казните за македонските компании, во зависност од големината на компанијата. Тоа значи дека малите дуќанчиња ќе плаќаат многу помали казни од големите компании.
Одмерувањето на висината на глобата за правните лица и трговците поединци ќе се врши врз основа на следните критериуми: вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечен број на вработени, врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец и претходно поведение на сторителот.
-На пример, прекршок кој чини 10.000 денари, од сега фирма која има промет до 500.000 и до 9 вработени, ќе плати само 1500денари. Голема фирма со над 250 вработени, ќе ја плати вкупната сума на казната, односно 10.000 денари. Ова е фер и коректно кон бизнис заедницата. Очекуваме да нема негативни ефекти какви што имаше од претходната санкциона политика. За одредени прекршоци имаше високи казни. Без лиценца ако продавате алкохол казната е 8000 евра. Ако ваков прекршок направи дуќан со еден вработен тоа ќе значеше затворање на дуќанот и 1 социјален слиучај. Сега фирмата ќе може да опстане заради помалата казна, рече Пешевски.
Со предлог законот за прекршоци, сумата ќе се одредува на основа на три критериуми. Првиот критериум ќе биде годишниот приход на правниот субјект од ланската фискална година. Така, глобата ќе се движи од 10% за фирми кои имаат до 500 илјади денари приход, па се до максималните 70% за фирми со над 100 милиони денари годишен приход.
Вториот критериум по кој се одредува конечниот износ на глобата ќе биде просечниот број на вработени, па ќе се движи од 5% за фирми кои имаат до 9 вработени, па до 20% за фимире со над 250 вработени.
Третиот критериум ќе биде претходното поведението на сторителот, односно 0% од глобата за фирми без претходни прекршоци до 10% доколку има претходни прекршоци.
Конечниот износ на глобата ќе биде збир од сумите добиени од овие три критериуми.