Српското Министерство за правда потврди дека од хашкиот трибунал пристигнало барање за кое во рок од една недела се бара одговор од Белград: дали е подготвен да гарантира дека Шешељ ќе биде во куќен притвор, дека нема да контактира со жртвите и сведоците и дека судот ќе известува секои 14 дена ако Шешељ ги прекрши условите за привремена слобода
Челниците на Српската радикална странка (СРС) викендов побараа од судот во Хаг безусловно да го ослободи претседателот на партијата и хашки осуденик, Воислав Шешељ, а на српскиот премиер, Александар Вучиќ, му порачаа да не помислува да го уапси лидерот на радикалите кога ќе се врати во Србија, потсетувајќи го како поминале сите од Тито до Зоран Ѓинѓиќ кои го уапсиле Шешељ.
-Му порачувам на Александар Вучиќ да не си игра и да не помислува да го уапси Шешељ. Нека се сети како поминаа сите кои го уапсија Шешељ од Тито до Ѓинѓиќ. Сите тие одамна исчезнаа од политичката сцена и тоа е пораката која ја праќаме до Владата на Србија – изјави Шаровиќ.
Нагласувајќи дека Шешељ нема да ги прифати условите на хашкиот трибунал по враќањето во Србија да биде во куќен притвор, јавно да не настапува и да не се вклучува во политика, Шаровиќ рече дека Шешељ секако ќе се врати и тогаш радикалите ќе ја почнат борбата против режимот.
Потпретседателот на радикалите, Милорад Мирчиќ, оцени дека на светот нема двајца луѓе кои повеќе го мразат Шешељ од Вучиќ и Николиќ и дека тие знаат каква е нивната судбина и што ги чека ако Шешељ се врати.