Петкратниот светски шампион Бразил доживува незапамтен дебакл на вечерашното прво полуфинале на 20-то Светско првенство.
Германија фасцинантно поведе со 5 гола разлика за само половина час во полуфиналето со Бразил. Во публиката може да се видат расплакани лица во жолти дресови, целиот Бразил е во шок.
Понижениот Бразил почна да тоне во 11-та минута, кога Томас Милер за првпат го совлада бразилскиот голман Жулио Цезар. Она што следеше подоцна, тешко може да се опише со зборови.
За само 6 минути игра, од 23-та до 29-та минута Бразил прими неверојатни четири гола. Прецизно во бразилската мрежа стрелаа Клосе, Кедира и Крос на двапати.
Бразилците никогаш во историјата не биле вака газени, како од германската машинерија, а интересно последен пат кога „кариоките“ примиле пет гола на еден меч е пред Втората светска војна. И тоа на третото СП, во 1938 година. Тогаш Бразил примил пет гола од Полска, но „кариоките“на крај се радувале на победа со 6-5.