Експлозијата која одекнала завчеравечер во Струмица била стравотна. Чадот и мирисот на изгорен метал и пластика се чувствувал во градот уште долго време откако пожарот бил изгаснат. Еден од очевидците на несреќата е Цветков Ѓорѓи, кој работи како чувар во ресторанот „Амор Гарде“, кој е во непосредна близина на местото каде што паднал хеликоптерот, пишува Дневник.
-Доаѓав со велосипед на работа и уште од мостот слушнав брчење на мотор на хеликоптер на кој не се гледаа никакви светла, а кој доаѓаше од правец на ресторанот. Звукот беше како да искашлува човек. Тоа траеше три до четири минути, а потоа се слушна силна експлозија кога падна леталото. Веднаш се издигна пламен висок и до 20 метри, а потоа одекнаа уште две помали експлозии, како од бомби – вели Ѓорѓи.
Меѓу очевидците се и Мартин и Kоле, бостанџии кои останале со својата стока на кванташкиот пазар.
-Правевме муабет кога слушнавме силна бучава. Истата не престануваше, па станавме да видиме од каде доаѓа. Ни беше јасно дека е хеликоптер што трокира, но не се гледаше. По неколку минути удри во антената, а при ударот засветлеа искри што ја осветлија. Хеликоптерот веднаш потоа падна и се запали. Ние се исплашивме и избегавме, оставивме и лубеници и с` – вели Мартин.
Kоле, пак, смета дека пилотот ја спасил Струмица бидејќи сакал да слета на место каде што не би загрозил никого.
-Секоја чест на човекот што го управуваше хеликоптерот. Гледаше да не направи голема беља, па слета тука и можеби немал друго решение и удрил во антената – вели Kоле, кој ја повикал полицијата.
Пријавата во противпожарната станица е примена во 22.05 часот, а за неполни 4 минути тргнале две возила кои стигнале на местото и со 12.000 литри вода и осум пожарникари го изгаснале пожарот. Бидејќи станувало збор за високо запаливи материи од керозинот, користеле вода во комбинација со пена.