Тело на мртов маж е пронајдено попладнево околу 17 часот во дворот на велешката гимназија „Кочо Рацин“. Според минувачите кои први го виделе , главата му била крвава, а до телото имало камен со траги од крв.
Во недостиг на официјални информации, минувачите кои го пронашле мртвиот маж се сомневаат дека човекот, на возраст од околу 90 години е убиен.
– На главата имаше толку крв, што ликот не му се препознаваше. До него имаше камен на кој имаше крв. Мене ми личи како да бил удиран со каменот. Се јавив во полиција и во брза помош, а тие дојдоа веднаш. Лекарите му го опипаа пулсот и констатираа дека е мртов, рече Иван Радичев.
Полицијата и јавниот обвинител попладнево вршат увид на местото. Чудно е што телото на старецот е неколку метри подалеку од клупа, на која што веројатно седел, бидејќи на неа има машки бел шешир.
– Минував низ паркот кога видов тело на земја. Отидов и видов дека лежи маж во подминати години. Беше повреден на главата, со многу крв. Се исплашив и побарав помош од еден човек кој беше близу. Многу непријатна глетка, рече велешанка Вера Миџова која го пронашла трупот.
Местото на кое е пронајден мртвиот старец е на само неколку метри од Младинскиот парк и главната улица, по кои поминуваат многу автомобили, но и минувачи.
Истрагата треба да утврди дали се работи за убиство.
Utrinski