Триесет и седум годишната Ѓултен Зекировска ќе лежи десет години затвор за запуштање на нејзините малолетни деца од првиот брак и наведување на питачење. Кумановскиот основен суд и пресудил во отсуство, не можеле да ја обезбедат за судење бидејќи со новиот сопруг живеела во Крива Паланка. Со него сега има 15- месечно бебе и кога се преселиле во Куманово, на врата им тропнала полиција да ја води во Идризово на издржување казна, јавува Телма.
По барање на адвокатот на Зекировска, кривичниот судски совет донел решение за повторно судење но додека тоа стане правосилно, Ѓултен ќе остане во затвор. Три месеци чекаме апелацијата да одлучи, дали ќе има мерка притвор додека почне судењето или, како што баравме, таа да остане во куќен притвор заради малото дете. –вели нејзиниот адвокат Верољуб Илиевски.Сопругот Евлис Арифовски бара што побргу да се реши случајот бидејќи на детето му е потребна мајка а тој не може да оди на работа бидејќи постојано е со него.
Од центарот за социјални работи рекоа дека на Зекировска и е одземено родителското право за трите деца од прв брак и старателство е доделено на нивната баба. Тука завршува нивната работа. Случајот е пријавен и во Хелсиншкиот комитет за човекови права каде велат дека новите измени во законот за семејство предвидуваат превисоки затворски казни, водат и кон дополнителна маргинализација на децата во ризик а изостанува превентивата кога се работи за дисфункционални семејства.
Од искуството на членките на Мрежата за заштита од дискриминација утврдено е дека ваквите драконски мерки на одземање на родителско право и кривичен прогон на родителите најчесто се применуваат врз семејства кои се на маргините на општеството, материјално и социјално најзагрозени, кои се без постојано живеалиште и во најголем број случаи се од ромската заедница.