Македонија од денеска попладне повторно ќе биде под влијание на нестабилна воздушна маса што ќе услови во наредните денови нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи и повремено засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Оттаму посочуваат дека нестабилно денеска ќе биде најпрво во западните, а потоа и во останатите делови од земјата, а овие процеси ќе продолжат и во ноќните часови. Локално ќе има и појава на невреме со интензивен пороен дожд, град и силни електрични празнења. Се очекува да наврнат и поголеми количини на воден талог, над 30 литри на метар квадратен.
Процесите ќе бидат во форма на невреме и во текот на утрешниот ден, а постабилно време се очекува за време на викендот.
Од УХМР препорачуваат во случај на појава на електрични празнења да има поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, а стадата да не бидат во големи групи, туку раздвоени.