Сакајќи да и помогне на млада девојка која доцна во ноќта стопирала за превоз, 31-годишниот кочанчанец И.Ѓ. завршил нападнат и ограбен.
Драмата се случувала синоќа околу полноќ додека И.Ѓ. се враќал од Пониква кон Штип. Во еден момент на коловозот забележал непозната жена која барала превоз. Застанал и ја однел до бензиската пумпа кај селото Чешиново каде ја оставил, но откако видел дека таа повторно излегла на коловозот се исплашил за нејзината безбедност и одлучил да се врати и да ја однесе до селото Крупиште.
Откако пристигнале на паркинг во селото, тој и ја отворил вратата за да излезе, по што девојката му побарала пари. Кога не ги добила му ги одзела клучевите од автомобилот, физички го нападнала со тупаници и од вратот му го скинала златното ланче.
Кочанчанецот брзо се соземал од шокот и она што најмалку го очекувал и успеал да си ги земе клучевите назад, по што отишол во Штип каде го пријавил случајот.
Кратко потоа полицијата ја привеле 25-годишната девојка Б.Е. против која ќе биде поднесена кривична пријава за разбојништво.