Некои медиуми беа премногу сурови при известувањето за исчезнувањето на 15-годишното девојче Тијана Јуриќ во Србија, се пожали нејзиниот татко Игор Јуриќ.
Откако телото на неговата ќерка беше пронајдено, тој откри дека дел од медиумите дури и го уценувале да им даде изјава, затоа што во спротивно нема да ја објават нејзината фотографија.
„Нема да ги именувам, тие знаат за кого станува збор. Кога човек ќе се најде во таква ситуација да му го нема детето, тогаш вие, медиумите, на некој начин пакувате уште 10 други работи, па не ти е доволна болката што ти го нема детето, туку мора да се бориш и со сите останати работи за да се оправдаш“, изјавил тој.
Дел од медиумите во Србија, по информацијата за исчезнувањето на Тијана, објавуваат текстови според кои како причина за киднапирањето се наведуваше наводен долг кон лихвари што го имал нејзиниот татко.
На ваквите обвиинувања реагираше српското Здружение на новинари, кое ги потсети новинарите и медиуми на Кодексот и етичките норми до кои мора да се придржуваат додека известуваат особено за вакви чувствителни прашања.
„Според професионалните стандарди, новинарите не смеат да ветуваат поволно известување во замена за информации. При собирање на информациите, тие не смеат да се користат со изнуда, поткуп или прогонување на изворите. Во моментот кога тоа девојче се водеше како исчезнато, објавувањето на нејзината фотографија значеше зголемување на шансите Тијана да биде пронајдена“, нагласуваат од новинарското здружение.