Со парична казна од 5 илјади евра ќе биде казнета сендвичарницата во Драчево од каде поради бактерија во храната се затруја педесетина лица. Одговорното лице ќе биде казнето со 500 евра, потврдија за Телеграф.мк од Агенцијата за храна.
Поведена е прекршочна постапка и сендвичарницата ќе биде затворена додека не се отстранат недоследностите што ги нашле инспекторите. Бидејќи по трет пат се случува труење од истата сендвичарница во иднина ќе се зголемат инспекциите во овој бјект.Од Агенцијата потврдија дека е пронајдена бактерија и во сендвичарница во Центар.
„Агенцијата ги доби резултатите од испитувањата на мострите од храна и работни површини од сендвичарниците на „Жужу“ каде исто така имаше инцидент со труење на храна. Резултатите покажаа дека во една од земените четири мостри во храна и два бриса од работни површини се најдени калиформни бактерии и против овој оператор е поведена прекршочна постапка и ќе биде изречена парична казна со иста висина“, велат од Агенцијата.
Тие потврдуваат дека ќе се заострат инспекциите за операторите на храна. Се подготвуваат измени во Законот за безбедност на храна со кои ќе се заострат казните и наскоро треба да влезат во владина процедура.