Една условна и седумнаесет затворски казни е одлуката на Основниот суд Скопје 1 за првиот предмет за шпионажа – им се судеше за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, одавање државна тајна, за послужување во служба и трговија со оружје.
Највисока затворска казна од 15 години доби поранешниот агент во Агенцијата за разузнавање Марјан Ефремов. Според Обвинителството, тој бил организатор на целата шема на скенирање оригинални документи, кои потоа им се предавале на службите надвор од земјава. Ефремов до крај се бранеше со молчење. Прозборе на рочиште пред пресудата, но не сакаше присуство на јавност во судницата, јавува Вест.
Затворска казна од 9 години доби генералот Горан Стојков, кој беше обвинет за злосторничко здружување, изнуда и за недозволена трговија со оружје.
Неговиот возач Слободан Милошевски е единствениот што доби условна казна и единствениот што пред Судот ги призна уцените. Шест и пол години затвор се изречени за поранешниот полицаец Цветан Дамјановски, а пензионираниот разузнавач Александар Диневски е осуден на 4,5 години затвор.
Ване Цветанов, ексдиректорот на Агенцијата за спречување на перење пари, е осуден на затворска казна од 3 години, за злоупотреба на службена положба и за злоупотреба на државна тајна. Кон него Обвинителството го повлече обвинението за шпионажа.
На Марјан Маџовски, поранешен шеф на кабинетот на спикерот Трајко Вељаноски, Судот му изрече затвор од една и пол година за уцена.
Останатите обвинети добија затворски казни од една до четири и пол години.
Петмина од нив, со одлука на Судот, излегуваат од притвор.
Судењето за “Шпион” траеше осум месеци. Дел од рочиштата беа отворени, а дел, поради доверливите документи, затворени за јавноста.
Пред изрекување на пресудата, судијата појасни дека има цврсти докази за сторени кривични дела, меѓу кои текстови, скајп комуникации и документи, како и видеоматеријал снимен од Марјан Ефремов.
Обвинетиот организатор водел евиденција за сe, а за комуникација обвинетите се служеле со шифри како Пајак, Зубар, Студеничани и Мачор. Обвинетите до крај негираа вмешаност во аферата “Шпион”.
Во аферата се споменуваше и името на новинарот Зоран Божиновски, за кога постапката е запрена.