Градот Скопје од денеска воведува нов сообраќаен режим на булеварот Борис Трајковски, на преминот преку железничката пруга кај населбата Усје каде што е поставена нова патна и железничка сигнализација.
На презентација на новата сигнализација која ќе овозможи безбедно одвивање на сообраќајот преку железничката пруга присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Ирфан Асани и градоначалникот на општината Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.
На терен, во изминатиов период беа поставени светлосни сообраќајни знаци за означување премин на патот преку железничка пруга во ниво и полубраници за затворање на сообраќајот на преминот преку железничката пруга во ниво. Претходно овој премин беше регулиран физички, со знаменца, а сега преминот е обезбеден со рампи и целосна сигнализација со што во голема мера ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.
На терен работеа екипи од ЈП „Улици и патишта“, Цементарница „Усје“ и од Македонски железници.