Жител на село Бегеч, во близина на Нови Сад, е осомничен дека го убил Македонецот Слободан Стојановски (62), кој имал пекарница во селото, во петокот вечерта, соопшти новосадската полиција. Станува збор за Н.В. (40), кому му е одреден 48-часовен притвор, но Судот најверојатно ќе го продолжи на 30 дена откако против него ќе биде поднесена кривична пријава.![]()
Слободан Стојановски, викан Kица, бил пронајден мртов околу 1.30 часот, во дворот од својата куќа, во која била сместена и пекарницата „Слобода“. Неговото тело го пронашол помошникот, кога дошол на работа. Убиецот со остар предмет му нанесол неколку убоди, од кои починал. Мотивот за убиството не е разбојништво, па се шпекулира дека станува збор за банална расправија. Осомничениот бил под дејство на алкохол, па се претпоставува дека тоа е причина за злосторството.
Првично се претпоставуваше дека убиството на Стојановски е политички мотивирано, односно дека бил убиен по грешка, бидејќи по инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија беа демолирани повеќе пекарници сопственост на Албанци во Војводина.
Стојановски ја наследил пекарницата од својот татко. Бил познат како мирен човек, а за неговите прочуени лепињи во четврток и во петок навечер се чекало на ред.
Според соседите, живеел сам и не бил женет, а работел колку што му било доволно.









