Кривични пријави за убиство и за тешка кражба вчера до Кривичниот суд му поднесе јавното обвинителство на 19-годишниот Насер Е. од скопското село Грчец, кој и официјално е обвинет за убиството на матурантот Ангел Петковски, кој со остар предмет беше убоден во срцето на 19 мај годинава пред Европската очна болница во Ѓорче Петров.
Во обвинителниот акт се вели дека осомничениот двапати замавнал со ножот кон убиениот.
„Обвинетиот влегол преку влезната врата на дворот, која била заклучена со рајбер, го здогледал велосипедот потпрен на ѕидот на куќата, па откако бил забележан како го одзема велосипедот и укорен од страна на таткото на сега покојното лице, обвинетиот се качил на велосипедот и со него побегнал. Потоа на патеката на насипот на Вардар го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот за обвинетиот да не побегне кон мостот. Во згодна прилика обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението.