Камионџии во повеќе шведски градови протестираат во пресрет на божиќните празници против условите во нивната бранша, кои тие ги сметаат за неправедни, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Со долги колони тешки товарни возила вчера и денеска во големите градови во јужна и западна Шведска се отежнува сообраќајот во екот на предбожиќното пазарење.
Шведските шофери протестираат за различните услови за возачите во транспортната бранша во рамки на ЕУ, при што се потенцира дека многумина странски возачи од, на пример, Бугарија и Македонија работат во Шведска за екстремно ниски плати.
– Станува збор за нелојална конкуренција, вели за Шведското радио Рој Холмберг, еден од учесниците во вчерашните протести.
Според важечката ЕУ-регулатива, странските возачи можат да транспортираат само три товари низ Шведска, но не ги почитуваат правилата и возат многу повеќе. Истовремено се укажува дека многумина македонски и бугарски шофери заработуваат по околу 600 евра месечно, додека нивните шведски колеги заработуваат и по пет пати повеќе.
Учесниците во протестите велат дека странските возачи во Шведска всушност работат во крајно лоши услови, слични на робовски однос, и со недели спијат во кабините во камионите, додека заработката завршува во џебовите на нивните газди.
Токму затоа со протестите се бара да важат исти услови за сите возачи во целата ЕУ, независно од која земја-членка доаѓаат.
Инаку, незадоволни шведски возачи ги започнаа протестите пед месец дена така што решија секој ден до божиќ да ги паркираат своите камиони по 15 минути на страничната трака на автопатиштата.
Непосреден повод за тоа беше ослободителната пресуда во Општинскиот суд во Сундсвал за еден 44-годишен македонски возач на тешки товарни возила, кој во октомври годинава беше уапсен со фалсификувана бугарска возачка дозвола и фалсивикувана бугарска патна исправа.
Неколку илјади шведски возачи се потпишаа на протестното писмо кое под наслов „Еднакви услови за шведските транспортни претпријатија“ беше испратено до шведската Влада.
Полицијата утврди дека матичните броеви во документите на споменатиот македонски возач припаѓаат на различни лица, а едновремено не постои бугарски државјанин со името и датумот на раѓање на македонскиот возач.
При сослушувањето возачот од Македонија навел дека поседува важечка македонска дозвола за управување со тешки товарни возила, но дека ја предал кај надлежниот орган при добивањето на бугарски документи. Возачот кај себе имал и дозвола за транспорт на опасни материи издадена од институција во Македонија.
Освен бугарски документи, возачот имал и македонски пасош кај себе, кој бил користен за влез во Шведска. Тој работел за транспортна фирма регистрирана во јужна Шведска и во моментот кога бил запрен од полицијата возел камион со шведски регистарски таблички.
Според податоци во шведските медиуми, не станува збор за изолиран случај. Моментно во Шведска се води истрага против повеќе слични случаи откриени во сообраќајот. Кон крајот на септември во Вестерос беше запрен друг македонски возач со фалсификувани бугарски документи, јави дописникот на МИА од Гетеборг.