Ѓоко Ѓорчев по цели две години пауза повторно се враќа на музичката сцена со нов албум. Причина за неговата апстиненција од кариерата беше прераната смрт на брат му Влатко и братучед му, актерот Бранко Ѓорчев, па токму поради тоа новиот материјал пејачот им го посветува ним, пишува Вечер.
Албумот им го посветувам на мојот брат Влатко и на братучед ми Бранко, кои прерано си заминаа од овој свет. Животот ми беше поврзан со нив, тие беа дел од мене, а и двајцата ги изгубив во рок од една година. Поради тоа јас повеќе не сум истиот. Дел од мене замина, кога заминаа и тие и навистина ми е тешко што повеќе ги нема”, рече неготинчанецот.
Ова е негов шести албум, а на него се наоѓаат 15 нумери, плус 3 бонус песни.
Долго време го подготвувам ова. “Мојот пат (Најдоброто од Ѓорѓи Ѓорчев)” е името на албумот. Со него сакам да ја заокружам 20-годишнината од кариерата, а веќе следната година планирам да направам и концерт. По Нова година ќе ја објавам и песната “Ѕвездо сјајна”, која веќе ја снимив, но таа нема да се најде на албумот”, додава за весникот македонскиот Том Џонс.