Во СВР Велес денеска пријавени се два случаи на оштетувања на возила. Во првиот случај исечени се три гуми на автомобил марка „форд фиеста“, а во вториот случај дупнати се гумите на товарно возило.
Во првиот случај станува збор за автомобилот на поранешниот претседател на Велешкиот суд, Јордан Лазаров, на кој минатата пролет му беше подметнат пожар во возилото кое беше паркирано пред зградата во која живее.
Настрадале три гуми, а сторителот не успеал да ја дупне и четвртата, задната десна гума, бидејќи сопственикот на возилото излегол од својот дом по што сторителот избегал, известува „Дума“.
– Го слушнавме издишувањето на гумите. Тие чудни звуци ни го свртеа вниманието и веднаш излеговме. Задоцнивме за неколку секунди ако побрзавме ќе го фатевме на дело. Во темнината видовме како бега човек – за „Дума“ објаснува Лазаров.
Товарното возило пак е сопственост на 65-годишниот М.Д., а било паркирано на улицата „Лазо Осмаков“.
Портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска изјави дека полицијата презема мерки за расчистување на двата случаи.