Групата граѓани кои ја формираа групата на Фејсбук „Правда за дедо Љубе“ викендов го посетиле старецот во неговиот дом во кратовското село Којково. Тие на групата пишуваат за неговата благодарност за поддршката на граѓаните, но додаваат дека мора да се донесат измени во законот со цел истата ситуација да не се повтори кај некој друг кој ќе си го брани сопствениот дом од криминалци.
„Мислам дека треба да се направи акција за собирање на потписи за промена на дел од законот за да може секој да се заштити себе си во сопствениот дом од вакви натрапници. Тие средства што ќе бидат потребни за активности за промена можеме да ги уплатиме сите ние овде (кој колку може) на жиро сметка на правниците кои би работеле на тоа, за да нема во иднина вакви случаи, да ти судат затоа што си го бранел сопствениот и животот на најблискиот во својот дом“, пишуваат во групата каде сите ја истакнуваат потребата да се поттикнат промени.
Според адвокатот Звонко Давидовиќ, кој се понуди да го застапува дедо Љубе во судот, групата како група не може да донесе никакви промени, но притисокот од страна на граѓаните ќе мора да успее.
– Во овој случај имаме пречекорување на нужна одбрана. Нелегалното поседување на оружје е моментално најмал проблем, тука е заплеткана казна од три до пет години, но доколку се докаже дека тој пукал во страв и паника, ќе може да биде ослободен – вели за Плусинфо адвокатот Давидовиќ.
Доколку пак дојде до осудување на храбриот дедо Љубе, граѓаните се согласни да бараат помилување од претседателот Ѓорге Иванов.