На Балканот е тешко да се живее, но уште потешко е ако треба да се лекуваш, бидејќи повеќе од 60.000 лица во Србија се ставени на листа на чекање во 44 болници ширум земјата. Како што деновиве информира еден српски портал неверојатен рекорд е операција која е закажана да се изврши по 5 години, односно дури во 2020 година.
Меѓу нив за жал има и болни од рак. Како што објаснува порталот анкетите покажале дека некои од пациентите чекале и по десет години за да им се направи операција на колк, а долго се чека и за операција на колено и хируршка интервенција. Но долго се чека и да се реализира преглед на магнетна резонанса.
Како пример, во болница во Панчево пациентите закажуваат операција на катаракта за 2017 година, во Чачак и Нови Сад за 2018-та, а во Клиничкиот центар во Белград за 2016 година.
За магнетна резонанса термин во институтот за онкологија во Сремска Митровица и Ужице се чека термин за годинава, додека во болницата “Свети Сава# дури за 2021 година. Пациентите на кои треба да им се изврши катетеризација на срце во Институтот на Дедиње, интервенцијата им се закажува за 2020 година.
На листата за операција на катаракта во Клиничкиот центар “Војводина” се најдоа 5.000 пациенти, а некои чекаат на ред за 2018 година. Заради недостаток на апарати за зрачење, пациентите болни од рак чекаат за зрачна терапија повеќе од една година.
Во Македонија со воведувањето на електронското закажување на прегледите и оперативните зафати се воведе поголем ред и се намалија листите на чекање.
-Од почетокот на 2015 година, односно во изминатите два месеци, преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството – МојТермин креирани се вкупно 1.313.000 упати. Околу 670.000 упати, односно повеќе од половина од вкупниот број креирани упати се специјалистички, додека останатите се: 301.000 лабораториски упати, 120.000 упати за радиодијагностика, 115.000 интерспецијалистички упати, како и упати за микробиологија, болнички упати, упати за операција, конзилијарно мислење, нуклеарна медицина, и хемодијализа-информираат од ресорното министерство
Според податоците од системот МојТермин, најголем број пациенти од почетокот на годинава се упатени кон следните специјалности – интерна медицина, офталмологија и микробиологија.
Закажувањето на овие термин најчесто е со чекање во разумен период од 2 до 6 месеци. Во земјава најдолго се чека за операција на катаракта, можно е и до една година.
Вечер