„Република“: Кој амбасадор ќе биде протеран од Скопје поради прислушување?


За разлика од американската Национална безбедносна агенција (НСА), која во соработка и по договор со своите партнери влегувала во оптичките кабли за пренос на телефонски, интернет и на други податоци, во македонскиот случај се вршело прислушување со класични механизми, кои иако се по малку застарени, сепак можат да завршат работа за нарачателите. Премиерот Груевски не ја откри службата за која македонските безбедносни агенции знаат дека го нарачала и учествувала во прислушувањето откриено од Заев, но откри како работела. Откако странците пред речиси пет години дошле во контакт со ексразузнавачот Зоран Верушевски, тој формирал мрежа од свои поранешни соработници од времето кога беше прв човек на УБК, по што почнало снимањето, анализира „Република“.telefon prisluskuvanje

Еден од двата начина на прислушување бил преку недозволено и неовластено прислушување преку ресурсите на македонските служби за безбедност, кои следеле јавни личности без налог од судија. Соработниците на Верушевски, од кои еден го признал делото и веднаш беше осуден на три години затвор, потврдил дека за паричен надомест со свој врбуван колега, главен инженер во петтата управа, снимале разговори меѓу голем број политички личности, по што материјалите му ги предавале на Верушевски.

Материјалите биле преведени на англиски јазик, спакувани во кратки анализи за политичката состојба во земјава, со што јасно се покажува дека не биле за домашни нарачатели затоа што во Македонија сите зборуваат македонски јазик и сите знаат сами да направат политичка анализа. Груевски остави простор наскоро, по завршување на постапката, од земјава да биде протеран некој дипломатски претставник. И вториот начин на прислушување отстапува од тоа што го правеле американските и британските разузнавачи, кои покрај пристап до оптичките кабли, користеле и вируси со кои влегувале во каналите за роаминг на телефонските корисници.

telefon spion

Во Македонија од 2010 година се користеле и специјални возила што се движеле низ центарот на Скопје, оддалечени на два километра од институциите, и ги снимале жртвите. Возилата со таканаречената тактичка опрема го следеле мобилниот сигнал на следените телефони и биле постојано во движење. Ова, според премиерот, го открила врвна светска компанија за откривање ваков вид криминал, која била повикана од МВР за да помогне во истрагата. Странските стручњаци откриле дека во земјава шпионирале високо обучени и одлично опремени професионалци, кои со помош на принципот на таканаречено клонирање базни станици, следеле телефони на припадници на државниот врв и јавни личности. Користените возила, според МВР, во централното градско подрачје на главникот град оперирале во периодот од 12 часот напладне до 18 часот. МВР сè уште не може да ги лоцира извршителите на овој вид шпионирање, кои засега се водат како непознати сторители, пренесува „Република“.

Клонирањето базни станици, покрај висок степен на експертиза и познавање на мобилната телефонија, бара и високософистицирана опрема. Всушност, со клонирањето базна станица засега непознатите сторители создале нови базни станици, кои ги менувале постојните предаватели на мобилните оператори.

Познати се два начина како да се прави тоа, едниот е софтверски, со илегален влез во системот на мобилните оператори, кои тешко можат да забележат дека имаат клон, и вториот начин е со физичко создавање базна станица или таканаречено премостување, при што се примаат сите сигнали од следените телефони. Според претходните искуства во странски случаи, со ваквиот вид прислушување најчесто сигналот на телефонот што е примарна цел дава подобар сигнал од тој што не е примарна цел, но, во секој случај, е снимен. Што точно се случувало во центарот на Скопје додека се вршело прислушувањето, треба да покаже истрагата, дополнува „Република“.

(Текст објавен во 130. број на неделникот Република, 27.02.2015)

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1