Руското Министерство за надворешни работи објави соопштение во врска со престрелката во Куманово, во кое се изразува загриженост и надеж дека ситуацијата наскоро ќе се нормализира.
– Со загриженост ги следиме информациите за вооружен инцидент кој се случи на 9 мај во Куманово. Се надеваме дека во најскорото време ситуацијата ќе биде нормализирана, а сите околности ќе бидат темелно истражени, пишува руското Министерство за надворешни работи во соопштението.
Во него се упатува повик до сите политички сили во Македонија да пристапат кон конструктивен дијалог, а меѓународната заедница и особено Мисијата на ОБСЕ да придонесат кон таков дијалог.
Во соопштението на руското МНР исто така се изразува загриженост за протестите во изминатите неколку денови, и се оценува дека постапките на безбедносните сили обезбедиле притоа да се избегне ескалација на насилство. Според Москва, протестите се дел од обиди на невладини организации поттикнати од западните земји да предизвикаат “обоена револуција” во Македонија, што може да предизвика етнички тензии во мултиетничка Македонија и во соседните земји на Балканот.