Бугарската компанија ИСА 2000 ќе гради трговски центар во непосредна близина на аеродромот Александар Велики. Инвестицијата во „Лакшри Балкан мол“ (Luxury Balkan Mall), според најавите на општината Петровец, ќе биде 50 милиони евра и ќе отвори 2000 вработувања, а големината на оваа парцела е околу 70 илјади квадрати, објави ВЕЧЕР.
Станува збор за објект двојно поголем од Сити мол.
Според најавите на инвеститорот планот е во завршна фаза и се однесува на голем луксузен балкански мол со големина од 200 илјади квадратни метри во кои се планирани 2000 вработувања. ИСА 2000 на својот веб сајт се претставува како водечка градежна компанија во Бугарија. Индустриската зона Ќојлија која се протега спроти скопскиот аеродром по површина е најголема во земјава и една од најбараните. Од седумдесетина парцели, уште само три се непродадени.
Во Петровец италијанска компанија гради и приватна болница со врвна опрема за пациенти од Македонија и соседните земји. Градоначалникот очекува со најавените капацитети не само комплетно да се реши невработеноста во општината туку да работа да најдат илјадници луѓе од поширокиот регион на Скопје.