ЈП „Комунална хигиена“-Скопје информира дека во последниот период има појава на опожарување на новите пластични контејнери од страна на граѓаните, кои во нив исфрлаат запалени предмети и материи, како што е недоизгасната жар од скара, отпушоци од цигари и слично и бара од граѓаните да внимаваат каков отпад положуваат.
– Би сакале да апелираме повеќе да не се исфрлаат вжарени и недоизгаснати предмети и материи и во никој случај намерно да не се опожаруваат контејнерите, бидејќи во спротивно ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ќе поднесе пријава до полицијата и соодветните инспекциски служби и ќе бидат преземени строги санкции за сторителите. Истовремено, ги охрабруваме граѓаните коишто ќе забележат ваква појава, истото да го пријават на дежурниот телефон на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје: 3216 644, велат од јавното претпријатие.
Со намера да ја подобри хигиената во градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во текот на изминатата година започна етапно да ги менува старите дотраени метални контејнери со нови пластични контејнери со зафатнина од 1,1 кубни метри.