Тргна кинескиот воз во Македнија. Прва дестинација Велес и прв патник премиерот Никола Груевски.
Денес беше пуштен во сообраќај првиот нов електромоторен воз на Македонски железници АД Транспорт, набавен од Кина. По промоцијата на скопската Железничка станица, возот се упати кон Велес, а во него се возеа премиерот Груевски, владини министри и медиумски екипи
Овој воз е дел од новите шест електро возови кои кога ќе пристигнат треба да ги заменат старите дотраени возови и локомотиви. Возот може да вози и со 160 километри на час, но по македонските пруги нема да смее да биде побрз од 120 поради дотраеноста на шините.
Новиот воз е со капацитет за 200 патници и ќе сообраќа на пругите каде што има електрично напојување. Возот е со електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, климатизирани вагони, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети.
Од кинеска ЦРС, Македонија набави шест воза, два електромотрони и четири на дизел погон, со вкупен капацитет за 1.200 патници. Според договорот, останатите пет воза треба да бидат испорачани на почетокот на следната година.
-Денес е историски ден за македонскиот железнички транспорт. Помината е цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Жално е што ниту една влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, а од друга страна горди сме што стартуваме со крупни проекти кои севкупно ќе го подобрат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија. На почетокот од оваа година ги пуштивме во употреба 150 нови транспортни вагони, инвестиција вредна 13,2 милиони евра. Ќе пристигнат уште пет нови возови, капитална инвестиција од околу 25 милиони евра, изјави премиерот Груевски.
ЦРРЦ, информира министерот Мисајловски, согласно договорот на МЖ Транспорт треба да испорача уште еден електромоторен воз до крај на годинава, а во првиот квартал следната година четири воза на дизел погон.
Активно се работи, како што рече и на целосно железничко поврзување на Коридорот 8, со обнова и изградба на пруги.