Српскиот премиер Александар Вучиќ на отворањето на Министерскиот совет на ОБСЕ истакна дека Балканот и натаму е буре барут на кое му е отребна само една искра за повторно да експлодира, пренесуваат српските медиуми.
„Морам да го искажам својот личен и искрен страв од можноста за нарушување на стабилноста на Балканот. Србија е цврста и стабилна земја, но доволно се неколку кризни состојби во регионот, во Македонија, Црна Гора или Приштина, за целиот регион повторно да се запали“, потенцира Вучиќ, додавајќи дека ова им го порачува на оние кои не разбираат колку е важна стабилноста на Балканот и дека за Белград односите во регионот се меѓу приоритетите.
Српскиот премиер додаде дека нестабилноста на Косово го загрозува бриселскиот дијалог меѓу двете страни и дека Србија ќе продолжи да го води, бидејќи „тоа е единствениот начин за да се обезбеди безбедност на Србите и Албанците на Косово“.
Вучиќ апелира до сите гости на Министерскиот совет на ОБСЕ да донесат заеднички заклучоци и препораки за решавање на многу проблеми, меѓу кои еден од клучните е мигрантската криза.
„За овој проблем мора да имаме заедничка политика“, порача Вучиќ пред гостите на 22-то заседание на Министерскиот совет на ОБСЕ, кое годинава се одржува во Белград. На дводневниот состанок во српската престолнина присуствуваат повеќе од 40 министри за надворешни работи, како и шефовите на дипломатиите на САД, Русија и ЕУ – Џон Кери, Сергеј Лавров и Федерика Могерини, како и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд