Доживотна затворска казна за првобвинетиот Бојан П. (31) од Охрид, заради двојното убиство извршено во август минатата година, кога со огнено оружје смртно беа застрелани сопственикот на ресторанот „Император“ Васил Ристески (56) и Ромео Ѓузелоски (38) од селото Лескоец.
Ова е пресудата што денеска на првообвинетиот му ја изрече судијата Билјана Белеска-Пројкоска, претседател на Судскиот совет при Основниот суд во Охрид што го водеше процесот.
Второобвинетиот Ристо С. (31) исто така од Охрид, Судскиот совет го прогласи „виновен“ за помагање во извршувањето на кривичното дело, притоа изрекувајќи му затворска казна во времетраење од една година.
Во текот на процесот што почна на 1 октомври годинава двајцата обвинети се изјаснија за невини, со забелешка на одбраната на обвинетите дека убиствата се случиле во поинакви околности отколку што беше наведено во обвинителниот акт.
Владимир Стрезоски, адвокатот на одбраната на првообвинетиот, после изрекувањето на пресудата изјави дека истата е премногу строга, најавувајќи дека истата ќе ја обжалат пред повисоките судски инстанци.
Двојното убиство се случи на 21 август минатата година во ресторанот „Император“ што се наоѓа на улицата „15-ти Корпус“ во Охрид. Според обвинителниот акт, обвинетите со возило на второобвинетиот пристигнале пред терасата на ресторанот, излегле од возилото и го повикале на разговор Ѓузелоски, кој седел на една од масите заедно со неговата сопруга. Притоа почнала жестока расправија на терасата на „Император“, по што првообвинетиот извадил пиштол и еднаш го застрелал Ѓузелоски, кој повреден се обидел да избега внатре во локалот, при што бил застрелан уште два пати. Притоа во близина хотелската рецепција се наоѓал и сопственикот Ристески, кој исто така бил застрелан од првообвинетиот со еден куршум во пределот на градниот кош.
Веднаш потоа двајцата обвинети со возилото на второобвинетиот побегнале од местото на злосторство. Првообвинетиот од тогаш беше недостапен за органите на прогонот речиси шест месеци. После распишана меѓународна потерница тој на 12 февруари годинава беше уапсен во Албанија, а подоцна екстрадиран во Македонија, додека второобвинетиот во случајот беше приведен од полицијата неколку часа после пријавувањето на случајот.
Kurir.mk