Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесе кривична пријава против две лица од Бугарија – Г.Т.А.(46) од Софија осомничен за „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“, „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и „соизвршителство“ и против М.Д.Д.(37) од Благоевград за „помагање“ во посочените кривични дела.
МВР информира дека пријавените набавиле средства за прибавување банкарски податоци за изработување лажни платежни картички (скимери) и неовластено монтирале 20 скимер уреди на банкомати од повеќе домашни банки, во повеќе градови во Македонија (Радовиш, Прилеп, Битола, Гостивар, Неготино и Кичево), во текот на март, април, мај, август 2014 и во јануари 2015 година со намера да прибават податоци од вистински платежни картички и податоци за нивните носители.
– Со нелегално обезбедените податоци од платежни картички, кои се во сопственост на државјани на Македонија, изготвиле фалсификувани платежни картички, кои подоцна ги продале на засега непознати лица за одреден паричен надомест. Со фалсификувани картички од банкомати во Р. Македонија (Струмица) како и во странство (Америка, Индонезија, Тајланд, Перу и други земји), се подигнати парични средства во вкупен износ од 3.880.839 денари, информира МВР.
Од видеоматеријалот што го доставиле банките, биле регистрирани двајцата пријавени како ги поставуваат скимер уредите и уредот за снимање на видеозапис на ПИН кодовите од платежните картички, на повеќе банкомати низ Република Македонија.