Чешкиот премиер Бохуслав Соботка смета дека затворањето на границите во земјите од западен Балкан за бегалците „лесно би можело да ги обнови старите крвави судири на Балканот“, пренесуваат чешките медиуми.
Во интервју за чешкиот неделник Респект, Соботка рекол дека бегалскиот бран би се пренел на Балканот и затоа смета дека затворањето на границите на одредени балкански земји не е добар пат, бидејќи тоа би можело да биде поврзано со силни судири.
„Едноставно, Балканот сé уште не е интегриран, а сеќавањата на војните таму се доста живи. Доколку притисокот на миграцијата не е во состојба да биде контролиран од страна на Турција во соработка со Грција, решението треба да се договори со Бугарија, Македонија и Албанија, да им се понуди максимална помош и да се започне со регулација на миграцијата на нивните граници“, рекол Соботка.
Чешкиот премиер додал дека ЕУ на овој начин би извршила дополнителен притисок над Грција за подобро да соработуваат со Турција во совладувањето на бегалскиот бран. За таканаречениот „план Б“, Брисел да постави брана на бегалскиот бран на јужните граници на Македонија и Бугарија, ќе се расправа на вонредниот самит во Прага на 15-ти февруари, на кој ќе учествуваат премиерите на земјите од Вишеградската група (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија“, кои заедно сакаат да му достават предлог на Брисел.
„Зачувувањето на Шенген не е само во интерес на Чешка, Словачка и Полска, туку и на земји како што се Германија, Франција и Холандија. Ниедна од овие земји не најави дека сака да воведе некакви мерки кои би значеле разбивање на шенгенскиот простор. Низа земји, вклучувајќи не и нас, ги засилуваат патролите на границите, но никој не планира да го уништи Шенген просторот“, рекол чешкиот премиер. Тој исто така додал дека затворањето на германските граници не би значело и непосредна опасност Чешка да стане транзит земја.
„Границите веднаш би ги затворила Австрија. Бидејќи Унгарија на границата има ограда, а Словачка е подготвена да преземе доста остри мерки за безбедност, веројатно миграцискиот тек би се променил. Делимично би застанал, а делимично би се затворале границите на одредени балкански држави“, објасил Соботка.