Преставниците на странските тур-оператори и специјализираните медуми воодушевени од македонската туристичка понуда кога станува збор за авантуристичкиот туризам како форма на дејност што бележи најголем раст во светки рамки.
Тоа се впечатоците на учесниците на Конференцијата за авантуристички туризам кои деновиве имаа можност преку организирани тури да видат некои од најатрактивните места од интерес на гостите кои практикуваат таков вид туризам.
Како што истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Лела Крстевска, покрај природните убавини и историското богатство, учесниците на собирот во Охрид имаа можност да се запознаат и со македонската традиционална кујна, македонските вино и ракија, фолклорот и се она што е карактеристично за ова поднебје.
– Реакциите на тур-оператореите беа мошне позитивни од Охрид и регионот. Најголеми впечатоци кај нив предивикаа посетата на островот Голем град во Преспа, место кое ги восхити токму заради тоа што останало недопрено од човечка рака, можностите за нуркање, планинарење, планински велосипедизам, параглајдерство и ред нешта што предизвикуваат интерес, рече таа.
Собирот во Охрид овозможи размена на многу искуства со најзначајните медиуми од странство, пред се оние од Англија и САД, но и од останатите западноевропски држави кои го успешно го третираат активниот туризам.
Конференцијата во Охрид што се реализира со помош на Програмата на УСАИД за поддршка на мали бизниси, ја посети и амбасадорот на САД Џес Бејли, кој нагласи дека специфичните видови туристичка понуда во руралните средини и националните паркови, надвор од големите туристички центри имаат најголемо финансиско влијание врз малите бизниси.
– Истражувањата покажуваат дека дури 65 проценти од секој потрошен долар на туристот кај оваа форма на туризам остануваат за локалните бизниси, што е огромна помош за локалните економии. Луѓето преку активниот туризам бараат природа, култура, автентични искуства овозможени преку контакти со локалното население. Имајќи ги предвид овие фактори, Македонија поседува огромен потенцијал во оваа сфера, рече тој.
Брана Радисављевиќ од „Лонли планет“ ги сподели своите искуства кога станува збор за активниот туризам, како специфична форма на првлекување гости.
– Јас работам токму со луѓе кои доста патуваат, а можам да забелеќам дека релативно мал број од нив го има посетено Балканот, што секако треба да се поправи. Оттаму важната улога на медиумите и на ваквите настани, како идеални можности за промоција на регионот. Балканот има толку многу да понуди што е мошне слично на она што се нуди во останатите делови на светот а едноставно луѓето не се воопшто свесни за тоа. Сметам дека е мошне важна промоцијата на регионот во целина, па на тој начин да се привлечат прво авантуристи, а подоцна и да се разработува масовен туризам, истакна таа.
Конференцијата за активен туризам продолжува со бројни панел-средби, на кои ќе се презентираат искуствата на конкретни теми како преживување во природа, како да се понуди и задржи атрактивноста на еден туристички производ, како најдобро да се исполнат очекувањата на гостите, средби посветени на храната како област што спојува, медиумско презентирање на понудата, приближување на производите до купувачите со помош на странските туроператори. Ќе бидат презентирани и успешни приказни од Балканот, со презентација на сместувачки капацитети од малите домаќинства и руралните средини и нивните искуства од соработката со светските специјализирани медиуми за промоција на тој вид туризам.