Американците наскоро би можеле да се соочат со некој од најразорните земјотреси во светот, предупредуваат сеизмолозите.
Сеизмолозите од Центарот за следење на земјотреси во Лос Анџелес, ги предупредиле жителите на јужна Калифорнија дека раседот Сан Андреас во јужна Калифорнија моментално е како буре барут кое би можело да експлодира во секој момент, пишува “Independent”.
Ова предупредување доаѓа неколку месеци откако градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарцести, го “протуркал” законот според кој најчувствителните градби во градот мора што побрзо да се зајакнат за да издржат силен земјотрес.
Известувањето за евентуалниот разорен земјотрес на жителите им го соопштил Томас Џордан, директор на споменатиот Центар. Тој наведува дека во Центарот пресметале дека јачината на земјотресот најверојатно би изнесувала околу 8 степени според Рихтер.
Последниот голем земјотрес во Калифорнија се случил во 1857. година и изнесувал 7,9 степени. Тектонските плочи кои се допираат на подрачјето на раседот од тогаш се придвижуваат пет-шест сантиметри годишно. Тоа значи дека минатите 159 години се придвижиле за околу 8,5 метри, а секој дополнителен сантиметар е создава поголем притисок над карпите под површината на околното земјиште.
Сеизмолозите наведуваат дека земјотрес од 8 степени според Рихтеровата скала би можел да биде значително поразорен од оној кој го погодил Нортриџ во 1994. година.
Американските геолози предупредиле уште во 2008. година дека дури и земјотрес со магнитуда од 7,8 би можел да резултира со 1.800 мртви и повеќе од 50.000 повредени, а материјалната штета би изнесувала 200 милијарди долари.
Tocka.com.mk