Аболицијата се повлече, треба да се седне на маса и потписниците на „пржинскиот договор“ да постават дневен ред и да се утврди термин за избори, изјави Љупчо Георгиевски кој гостува во „Отвореното студио“ на ТВ Нова.
-Со чисти карти на избори во март. Потписниците на „пржинскиот договор“ да постават дневен ред и она што е утврдено и реализирано да се тргне на страна, она што не е да се реши и да се стави крај на оваа криза. Има доволно време до март сите работи со институциите да се решат, изјави Георгиевски, додава дека треба да се размислува во насока што по изборите, а најдобра опција за демократизацијата на Македонија е да има една изборна единица.
– Тоа ќе ги охрабри помалите партии самостојно да влезат во изборната трка. На тој ќе се отвори простор за сите оние што не сакаат да продолжат да егзистираат во двопартиски систем каде што нема место за никој трет. Сметам дека сите политички партии, освен најголемите, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе добијат со формирање на една изборна единица, изјави Георгиевски.
Се покажа дека бевме право кога велевме дека Пржинскиот договор е измама, изјави Стевчо Јакимовски
-Сите прашања што наводно се пречка за одење на избори се исполнети, медиумите се регулирани, избирачкиот список е пречистен и единствено решение за кризата е да се оди на избори. Но, ние не смееме да продолжиме да зборуваме само за избори. Во Македонија мора и да се работи за спроведување проекти во другите сфери од животот кои не се политиката и изборите, но кои им се потребни на граѓаните. Крајно е неодговорно од политичарите да се пролонгираа оваа ситуација, изјави Јакимовски.
Специјалното јавно обвинителство влегува од гаф во гаф, а прес-конференциите звучат како политички памфлети, смета Стевчо Јакимовски
– Прес-конференциите на СЈО звучат како политички памфлети. Сметам дека СЈО е грешка. Не сметам дека е добро нешто формирањето на ова обвинитество, изјави Јакимовски.
Да бев на местото на Никола Груевски, со 450.000 гласачи позади себе и со толкава поддршка, не би попуштал и не би правел отстапки за опозицијата или пак за меѓународната заедница, изјави Јакимовски
-Груевски прави отстапки за општо добро, но јас со толкава поддршка од граѓаните не би попуштал. Ниту за опозицијата, ниту пак за меѓународната заедница. Никола Груевски има огромна поддршка, 450.000 гласачи го поддржуваат, изјави Јакимовски.
За да има договор треба да се седне на маса и да се разгледаат клучните точки, смета Љупчо Георгиевски
-За да има договор треба да се седне на маса и да се разгледаат клучните точки една по една и да се види дали се исполнети. Најдобар пример е прашањето за прочистувањето на избирачкиот список. Членовите од ДИК не треба да чекаат некој да им даде налог да прават ова или она. Тие треба секојдневно, без оглед дали ќе има или нема да има избори да работат на прочистување на списокот, изјави Георгиевски.
Во „Отворено студио“ со Анита Петровска Рајковиќ на тема „Моќни лидери мали партии-им се слуша ли гласот?“ дебатираа Љупчо Георгиевски и Стевчо Јакимовски.
Повеќе за дебатата на TvNova.mk