Најмалку три лица загинале а деветмина се повредени, меѓу кои една бремена жена и четири деца, од кои две сестрички на 7 и 11 години се со големи изгореници, откако се урнала зграда најверојатно по експлозија по истекување на гас во зграда во италијанската деловна престолнина Милано, објави агенцијата ANSA.
Уривањето се случило во неделата утрото по 8,45 часот, во улицата Бриоки, во монденската миланска четврт Навиљи, кога повеќето од станарите сé уште биле во своите домови.
Пожарникарите се сомневаат дека причина за уривањето е експлозија како резултат на истекување на гас за домаќинствата.
Агенцијата објави дека жртва е една брачна двојка, како и 43-годшна мајка на двете девојчиња на седум и на единаесетгодишна возраст кои ја преживеале експлозијата, но се хоспитализирани со големи изгореници. Нивниот 51-годишен татко, исто така, е повреден. Три лица одбиле да бидат пренесени во болница, соопштила противпожарната служба.
Очевидец рекол дека слушнал силна детонација и мислел дека е терористички напад, но потоа сфатил дека тоа дошло од уривање на дел од зградата. Додал дека зградата неодамна била обновена.