На малите деца им се потребни градинки кои ќе бидат цврста основа за нивниот воспитно-образовен развој. Подеднакво важно е и да има повеќе капацитети кои ќе овозможат добра и квалитетна услуга во тие градинки. Пристапноста до градинки честопати има влијание и при носењето на одлуката на родителите околу проширувањето на нивното семејство, и особено родители кои работат а немаат друга алтернатива за чување на децата, се многу зависни од можноста за испраќање на детето во градинка. На тој начин градинките имаат и влијание на наталитетот, односно демографијата во државата, изјави денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој го промовираше проектот за изхрадба на 140 државни детски градинки, од кои 100 ќе бидат комплетно нови. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра.
Груевски нагласи мдека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминативе години целосно се посветила на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст односно отворање на нови детски градинки.
– Се реализираа и низа мерки со кои ги поттикнуваме родителите да имаат повеќе деца знаејќи дека наталитетот е проблем во Република Македонија, но и во цела Европа. Од тие причини во поголем број на општини се јави потреба од постоење на повеќе градинки што укажуваше дека се раѓаат и повеќе деца како потврда на нашите политики насочени кон придвижување на демографските состојби во позитивен правец. Потребата од повеќе градинки е првиот индикатор дека имаме одреден успех во напорите за раст на наталитетот, иако сме свесни дека треба многу повеќе за да дојде до позабележителни резултати на долг рок, рече Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сподели неколку бројки и статистики, за кои како што рече, охрабруваат.
-Македонија е единствената земја во јужниот дел на Европа која има РАСТ во бројот на родените во периодот од 2005 до 2015 година. Во 2005 година е забележан најмалиот број на родени бебиња во историјата на Македонија. Во 2005 година се родени 22.482 бебиња. Минатата 2015 година се родени 23.106 бебиња, што претставува зголeмување од 2,8 проценти. Истовремено, сите останати земји во Јужна Европа имаат големи падови во бројот на родените бебиња во периодот од 2005 до 2015 година, а само Македонија има раст. Евe неколку бројки: Португалија има пад минус -21,6 %, односно пад од 109.000 родени бебиња на само 85.000 бебиња во само 10 години. Италија има пад во родените бебиња од 554.000 во 2005 година, на 488.000 бебиња во 2015 година. Тоа е пад од 11,9 проценти во периодот од 2005 година до 2015 година. Потсетувам, единствено Македонија има раст во бројот на родените од 2005 до 2015 година од 2,8 проценти во бројот на родените бебиња, рече Груевски.
Тој нагласи дека потребата од нови градинки оди и заедно со намалување на невработеноста, и се повеќе семејства каде и двата родитела имаат работа, работно време имаат и потреба детето да го однесат во градинка. Што се однесува до капацитетот на градинките, овој недостаток е и резултат на децениската запоставеност во изградбата на градинките.
-Практично имаме децениска стагнација на овој план, како во деведесетите, така и во првите години од минатата деценија кога имаме практично целосно запоставување на изградбата на градинки. За време на владеењето на СДСМ ниту градинки се изградени, ниту пак е направено проширување на постојните капацитети. Тој застој е видлив и цената ја плаќаат денешните генерации. Безмалку сите градинки до 2006тата беа изградени во времето на поранешната Југославија, и со ретки исклучоци тука речиси да застана инвестирањето во нови градинки. Но дури и во тој период на Југославија изградени се многу малку градинки. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ се придвижија работите. Почнаа да се градат градинки, да се пренаменуваат условите и опремуваат расположливите капацитети, се градат и енергетски ефикасни објекти, рече Груевски.
Споредбено со периодот пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година oпфатoт на деца во градинки од 0 до 6 години изнесуваше само околу 9% а во 2016 е зголемен и изнесува околу 26% односно речиси трикратно зголемување. Додека пак опфатот на деца од 3 до 6 години до 2006тата изнесуваше само околу 12%, а генерално според последните податоци изнесува околу 40%, што е и повеќе од трипати зголемување за овој период од 10 години.
Како резултат на нашите заложби само во последните 7 години отворени се 13 јавни општински установи-детски градинки, 17 објекти и 22 групи во други просторни услови кои работат како градинки и ја имаат истата функција, или севкупно се отворија 52 градинки.
-Во интензивна соработка со општините особен фокус дадовме на градот Скопје и на другите поголеми градови, но и на руралните населени места во кои порано било незамисливо да се згрижуваат децата. Многу семејства во повеќе општини и населени места добија можност своите деца да ги носат во градинка, во Ново Лисиче, во Кисела Вода, во Моноспитово, во Виница, во Чешиново Облешево, во Прилеп, во Битола, во Охрид и многу други градови и населени места. Само во оваа тековна 2016та година имаме отворено 9 нови градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 6 или вкупно околу 15 со што само во 2016 година капацитетот ќе биде зголемен за нови околу 1 320 места, рече Груевски.
Дополнително, нагласи тој, за прв пат се развива и приватната иницијатива, односно се помага и поттикнува отворањето на приватни градинки.
-Еднакво се залагаме и за зголемувањето на бројот на приватни детски градинки така што ги поттикнуваме инвеститорите со пакет поволности за изградба на приватни детски градинки и тоа: продажба на градежно земјиште по цена од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за 95%, кредитирање преку Македонската банка за поддршка на развојот, Агенцијата за поттикнување на претприемништво и Агенцијата за вработување на РМ. Преку овие пакет поволности отворени се 27 приватни установи за деца- детски градинки. Дополнително, згрижувањето на децата се одвива во 28 јавни центри за ран детски развој како и во 7 приватни центри за ран детски развој. Почнувајќи од 2016 година преку Агенцијата за вработување отпочнавме со нова мерка-доделување неповратни средства грантови за набавка на основни средства и опрема за физички и правни лица, кои ќе сакаат да отворат приватни установи за деца-детски градинки во висина од 600.000 денари, односно гранд од 10 илјади евра за секој кој ќе отвори приватна детска градинка. Планираме наскоро да поттикнеме отворање на најмалку нови 10 приватни градинки и треба да се отворат нови најмалку 50 работни места и да се создадат околу 500 нови места за згрижување на деца од предучилишна возраст, рече Груевски.
Тој потенцираше дека сето ова е одлична работа, но потребно е многу повеќе. Потребно е надополнување на она што со децении е пропуштено. Потребно е растеретување на капацитетите со нови градинки и одговор на реалните потреби.
-Затоа денес објавувам нов проект за периодот 2017-2020-та. Новиот проект предвидува изградба на најмалку 140 државни детски градинки, од кој 100 комплетно нови градби, и 40 детски градинки кои ќе се отворат во постоечки а не искористени државни објекти од како претходно ќе се инвестира во нивно реновирање и адаптирање. Изградбата на 100 комплетно нови, или со економска терминологија гринд филд градинки, предвидува изградба на целосно нови објекти, од темел па се до финиширање на објектот, и се она што е потребно за почеток на работа, вклучувајки го мебелот и опремата, рече Груевски.
Како се дојде до овој проект?
-Во моментов бројот на згрижени деца во државата изнесува 36.039 деца, а додека околу 5.516 деца се на листите на чекање, ова претставува нелагодност и проблем за многу семејства. Дополнително и преоптовареноста на капацитетите на одредени градинки е дополнителен проблем. Родителите мора да се снаоѓаат за чување на децата, а многу често тоа значи и дополнителен трошок за ангажирање на трето лице кое ќе помогне во згрижувањето на децата. Да не говориме за социјалната компонента, компонентата социјализација и воспитната улога на градинките која ја пропуштаат децата кои поради недостаток на капацитети не можат да ја добијат. Свесни дека сеуште листите на чекање се големи и сеуште треба да работиме за потребата на граѓаните да ги згрижуваат своите деца објавувам дека наскоро ќе го отпочнеме проектот “100 од темел новоизградени објекти за детски градинки”. Проектот според проекциите ќе чини околу 25 милиони евра. За таа цел ќе се искористат и поволни финансиски инструменти кои стојат на располагање на меѓународни финансиски институции кои подржуваат вакви проекти, со кои веќе извршивме прелиминарни консултации, и постои расположение од нивна страна да го подржат овој проект, рече Груевски.
За да дојдат до овој проект, нагласи Груевски, претходно направиле анализа. Во анализата бил земен бројот на родени деца во период 2010-2015 година, бројот на деца запишани во детските градинки и бројот на деца кои се на листа на чекање.
-Согласно анализата, планирана е изградба и опремување на 100 градинки со различен опфат со што капацитетот за згрижување на деца од предучилишно образование би се зголемил за околу 15.000 деца на државно ниво. Значи со овие 100 нови градинки ќе овозможиме места за 15 илјади деца во градинките, рече Груевски.
Приоритет во рамки на овој проект ќе имаат општините кои имаат најголема потреба од нови капацитети за згрижување, кои што досега имаат и најголема листа за чекање како во Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци, Струга, Прилеп,Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес и други. Веројатно во зависност од потребите во одредени општини, ќе се изградат и повеќе објекти на градинки во иста општина.
-Со овој мега проект како никогаш до сега и во најголем обем го решаваме недостигот од места во детските градинки во Република Македонија. На овој начин работиме на иднината, за нашите деца.. Во секојдневните програмски активности, градинките ги поттикнуваат малите деца постепено да стекнуваат способности и вештини преку нивно активно учество во образовниот процес. Така децата имаат социјализација, стануваат повешти за многу работи карактеристични за нивната возраст, посамоуверени и стекнуваат нови знаења и вештини. Малите деца во детските градинки учат преку игра и учењето го доживуваат како забава која претставува база за остварување на нивниот целосен развоен потенцијал, рече Груевски.,
Генерално што се однесува до проектот ќе постојат 4 модели на градинки: Тип 1, градинки кои би биле со капацитет до 50 деца за што ќе се инвестираат околу 150 илјади евра;Тип Б со капацитет од 100 или 120 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 200 илјади евра; Тип Ц со капацитет од 200 до 220 деца, за чија изградба ќе се инвестираат околу 300 илјади евра, и тип Д со капацитет од 300 до 350 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 400 илјади евра.
-100 од темел новоизградени градинки не се изградиле никогаш претходно во нашата држава, а ова е добра вест за илјадници семејства чии деца ќе посетуваат градинка. Реализацијата, процедурите, проектирањето, некаде и градбите на овој проект ќе започне наредната 2017та година и ќе се завршува постепено помеѓу 2018та и 2020та. Откако ќе бидат обезбедени средствата, ќе се пристапи кон изработка на идејни решенија, разработка на типски проекти, тендерирање, по што ќе биде избран и изведувачот. Ова ќе биде и значаен инпут за градежништвото во Македонија, за градежните компании кои ќе учествуваат во изградбата на овие нови градинки, рече Груевски.
Дополнително, како што повтори Груевски ,освен овие 100 ново изградени, ќе се продолжи во периодот од 2017та до 2020та година и со изградба на градинки во други просторни услови кои ќе бидат пренаменети за најмладите, во постоечки неискористени државни објекти како училишта или други објекти каде има слободно место.
-Планот е за 2017 година и секоја следна година да продолжи со отворање на околу 10 детски градинки на годишно ниво (ова подразбира како што кажав адаптација и темелна реконструкција на постоечки објекти во детските градинки,нивно проширување и опремување, како и отворање на градинки и групи во други просторни услови) особено во општините каде капацитетите се целосно исполнети и листите на чекање се големи или пак воопшто нема градинка. Ова ќе претставува побрзо решение за местата каде е потребен побрз одговор на недостатокот на места во градинките. На овој начин ќе се отворат нови околу 2000 места за згрижувањена деца од предучилишна возраст, а за 4 години ќе се добијат покрај овие новоизградени 100, и дополнителни 40 градинки. Значи вкупната бројка би достигнала 140 јавни градинки, и нови 17 до 18 илјади места во градинките, рече Груевски.
Бројките покажуваат дека во моментов опфатот на деца во градинки е 26% односно 36.069 деца од јавни и приватни установи.
-Со отворањето на планираните градинки до крај на 2016, уште 40 градинки во други просторни услови во следните 4 години како и реализацијата на 100 градинки со кредит, опфатот од 26% се очекува да се зголеми на приближно 40 осто, без дополнителниот ефект кој ќе го направат новите приватни градинки кои владата ќе продолжи да ги подржува со грантови и други поволности и олеснувања. Во таков случај би биле згрижени околу 54.000 деца што е зголемување на бројот на места во градинките за околу 18000 места, а заедно со новите приватни градинки, бројката сигурно ќе се приближи на 56.000 згрижени деца, а само зголемувањето на капацитетите ќе биде за околу 20 илјади места, рече Груевски.
Во реализацијата на овој проект ќе бидат земени позитивните искуства од градежништвото и ќе се следат најсовремените стандарди и услови за ваков тип на објекти. Исто така, нагласи Груевски, доколку постојат и позитивни искуства од стручната јавност ќе бидат инкорпорирани во овој проект.
-Реализацијата на овој проект ќе значи надминување на децениска запуштеност на една цела сфера од која зависи иднината на државата бидејќи се однесува на најмладите, на децата. Да потсетам дека во овие години немаше ниту едно зголемување на цената на градинките, која цена е далеку под реалната цена и е силно субвенционирана од државата и општините. За сума од 1500 денари се овозможува згрижување на децата во градинките и тоа е мошне атрактивно за родителите. Со продолжување на намалување на трендот на невработеноста очекувано е и зголемување на бројот на деца во градинките, рече Груевски.
Груевски потсети и дека пред неколку години, овозможиле личности индивидуалци кои на комерцијална основа чуваат дете во живеалиштето на родителите на детето да можат да се регистрираат, лиценцираат и да се стават во системот на редовно работење и законско плаќање.
-Дотогаш тоа беше нерегулирана дејност, и неможеше да им тече стаж и да се плаќа и обезбеди здравствено и пензиско осигурување за дадилките кои во некои семејства чуваат дете. Сега тие може да се самовработат и да заработуваат од дејноста која ја обавуваат, заврши Груевски.