Пред точно два месеци во возот на линијата Минхен-Старнберг непознат крадец го украл багажот во кој се наоѓаше скапоцена виолина. Тој мислел дека станува збор за некаков обичен инструмент кој за неколку стотици евра ќе го продаде на црниот пазар.
Но сопствениците на виолината, мајка и син, знаеле за каков драгоцен предмет станува збор – 250 години стара виолина од производителот Ландолфи“ чија вредност изнесува 120.000 евра. Имено, 37-годишна жена ја ставила виолината на решетката за багаж, и таму ја заборавила кога се симнувала од возот.
На несреќа на крадецот, при крадењето го снимиле камерите, па полицијата веднаш објавила „лов“ на крадецот на уникатната виолина „Ландолфи“. Веќе првата вечер полицијата примила повеќе од 100 дојави од граѓаните.
Врз основа на овие информации Германската сојузна полиција веќе му била на траг на крадецот кога им се јавил 35-годишниот маж и изразил желба да го врати вредниот инструмент. Според неговите зборови, тој „не знаел дека виолината е толку вредна“. Набрзо полицијата го посетила во станот и ја преземала виолината. Кога ја видел виолината во возот, едноставно ја „искористил приликата“, рекол. Подоцна пријател го предупредил дека по него е покрената потрага и дека фотографијата му е објавена во медиумите.
Службениците во полицијата ја вратиле виолината на сопствениците кои се увериле дека навистина станува збор за нивниот инструмент, кој, за среќа, бил неоштетен.