Kумановец лани од работа преку интернет заработил фантастични 1,26 милион евра и платил данок по основа на дополнителниот приход од 126.000 евра, пишува Дневник.
Негов сограѓанин, пак, за 2014 година пријавил дополнителен приход од работа преку интернет од 103.000 евра и и платил 10.300 евра данок на државата. Овие двајца кумановци се рекордери по интернет-заработувачка за изминатите две години кои влегле во системот на Управата за јавни приходи.
Од таму се децидни дека приходите остварени по основа на повремено вршење услуги (договор на дело) остварени во земјата и во странство граѓаните имаат обврска да ги пријават во годишната даночна пријава, и тоа во категоријата повремено вршење услуги.
– Граѓанинот што остварува приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет-страници; лични примања од странство; приходи остварени преку интернет (е-трговија; услуги извршени преку специјализирани страници, на пример, www.freelancer.com, www.upwork.com и др.; поставување реклами на сопствени интернет-страници; прогнози (дојави на типови за спортски натпревари) и други дополнителни приходи, надвор од редовната плата или пензија – има обврска да ги пријави во годишната даночна пријава. Во случаите кога граѓанинот нема да поднесе даночна пријава или нема да ги пријави сите приходи што се оданочуваат, законот предвидува глоба за сторен прекршок во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност – информираат од Управата.
Само во 44 контроли лани и годинава УЈП утврдила непријавен данок од 86.687 евра, кој со пресметаната камата стигнал до 101.929 евра. Тоа практично значи дека 44 лица се обиделе да скријат приход од фантастични 860.000 евра.