Во скопската населба Маџари изутринава 15 минути по полноќ на улицата „Анри Барбис“ се слушнала силна детонација од експлозивна направа од која биле оштетени прозорци од куќата, сопственост на Д.С.(56) и едно патничко моторно возило „Хјундаи Атос“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.Т. (21). Во експлозијата нема повредени лица.
Како што информираат од МВР, за настанот бил известен Одделот за антитероризам, кој вршел увид до 3:20 часот. Било утврдено дека станува збор за рачна бомба, но се уште не е познато од кој вид. Од местото на настанот бил подигнат предметен материјал кој е доставен на вештачење.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување и документирање на случајот.