Гушкање и бакнување, солзи, халуцинација, страв дека нивните четири деца ќе останат сираци, откажување и очекување на смртта, а потоа – чудо.
45-годишната Наталија Протодјаконова и 36-годишниот Николај Кобров се родени во Сибир и се припадници на етничката заедница Јукагир. Навикнати се на студ и екстремни температури на Сибир, но за тоа што им се случило на почетокот на месецот, не можеле да се подготват.
На пат кон дома од продавница во градот оддалечен на 140 километри ги изгубиле сопатниците, па сите купени производи, па на крајот им се расипале моторните санки. Било -50, а поради ветерот се чинело дека е 15 степени постудено. Се обиделе да контактираат со семејството и пријателите, а потоа мобилниот им замрзнал. Од тој момент започнува нивната крвава борба за преживување.
-Го напуштивме Нижејанск на три моторни санки. Ние бевме на првите. Цело време ги гледавме светлата зад нас, но тие наеднаш исчезнаа. Моторот на нашата санка престана да работи и стануваше тивко. Немаше ни светла ни звук од останатите возила. Прво го проверивме филтерот на моторот и дополнивме гориво, но моторот не се палеше. Додека се обидувавме да утврдиме што се случило, ги потрошивме сите кибрити. Се јавувавме кај семејството во Јукагир да им кажеме дека сме загубени. Баравме да ни пратат други санки, да тргнат кон нас, иако поголеми ни беа шансите да не пронајдат возачите на санките кои тргнаа со нас. Беше премногу студено. Да бевме во шума ќе беше друго, бидејќи ќе имавме барем некаква заштита, но околу нас имаше само мраз и снег. Се возевме на брегот на Лаптевското море. Беше многу студено и бев уморна. Само сакав да легнам и да заспијам, но сопругот не ми дозволуваше. И така ја минавме првата ноќ…одевме, одевме, одевме – вели Наталија.
Потоа, како што вели, излегло сонце.
-Се обидовме повторно да стапиме во контакт со семејството да видиме дали некој тргнал по нас. Одлучивме да одиме понатаму, па тргнавме во насоката од која мислевме дека ќе наидат спасувачите. На почетокот нешто чувствувавме. Бевме гладни и жедни…А потоа стана ужасно студено и загубивме секакво чувство. Сакав да легнам, а Николај ме принудуваше да одам. Зема снег, го стопи на усните, и ме натера да пијам вода од неговата уста. Заедно плачевме. Но продолживме да се движиме – вели оваа жена.
-Го следев, иако во мене немаше останато ни трошка сила. Единствено што ме влечеше напред беше мислата дека нашите деца може да останат сираци. Потоа почнавме и да халуцинираме. Гледавме фарови и слушавме звуци на моторот. Побрзавме кон моторните санки и мавтавме со рацете…Но не беа вистински.
Повторно почнала да паѓа ноќта.
-Продолживме да одиме, свесни дека на овие температури не можеме да ја преживееме наредната ноќ. Падна мрак кога го пронајдовме патот, мојот сопруг го препозна. Посакавме да се јавиме кај семејството, но телефонот беше замрзнат- вели таа.
-Престанавме да веруваме дека спасувачите ќе не пронајдат. Повеќе немаше ни солзи, немавме сила нешто да кажеме и ги исцрпивме последните сили, а потоа мојот сопруг кажа: Тоа е тоа. Не можеше да се движи. Се одлучивме на последниот чекор, заедно да го напуштиме овој свет, онака како што и живеевме. Се покривме и одлучиме да легнеме на снегот еден покрај друг, лице во лице, и да заспиеме. Ни беше многу убаво, толку топло. Ги затворив очите и ги видов нашите четири деца, дури и слушав гласови. Мојот сопруг беше покрај мене и помислив дека крајот не е страшен како што го замислувавме – вели оваа храбра Сибирка која не се сеќава колку време траела оваа мирна состојба.
-Мислев дека сонувам кога го видов лицето на мојот брат Николај. Дури кога пристигнавме во Нижнејанск сфатив дека е вистинско чудо што двајцата преживеавме- вели Наталија.