Победата на Доналд Трамп на изборите во САД и големите енергетски договори со Јапонија и Катар укажуваат на тоа дека Москва ќе „ја игра главната улога“ во дипломатската и бизнис сферата во 2017 година, пишува „Форбс“.
Дводневната посета на рускиот претседател Владимир Путин во Јапонија на 15 и 16 декември може да послужи како поттик за сите кои сакаат да соработуваат со Русија во текот на следната година, оценува „Форбс“.
Во текстот на „Форбс“ се наведува дека за време на самитот двете држави склучиле 60 економски договори.
Во иднина милијарди долари ќе се разменуваат меѓу Јапонија и Русија, а ќе бидат потрошени на нафтена експлоатација, изградба на уште една фабрика за преработка на течен гас на островот Сахалин и гасовод до островот Хокаидо, пишува во текстот.
„Форбс“ наведува дека одлуката на јапонскиот премиер Шинѕо Абе да го повика Путин да гостува во неговата земја сведочи за неговата очајна желба да ги зацврсти односите со Русија.
Уште еден фактор што веројатно ќе и „оди од рака“ на Москва е и побадата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД и кандидирањето на поранешниот претседател на компанијата „Ексон мобајл“ Рекс Тилерсон за државен секретар, се наведува во текстот.
Според авторот на текстот, кон Русија се врти и Катар, што би можело да доведе до зајакнување на улогата на Москва.
– Во декември Инвестициониот фонд на Катар, заедно со компанијата „Гленкор“ која тргува со суровини, потпиша договор за преземање на 19,5 отсто од компанијата „Росњефт“.
Во 2017 година Москва ќе има можност да ја „води играта“ од позиција на колосална сила, заклучува „Форбс“.