На 14 јануари почнува Новата година според јулијанскиот календар и тогаш се слави Свети Василиј, а на тој ден домаќинките месат василици за да ги израдуваат домашните и првите соседи за целата година да им помине во слога и пријателство.
Василиците традиционално се подготвуваат на 1 ден од јануари според јулијанскиот календар односно на 14 јануари по грегоријанскиот календар. Може да бидат и солени и благи, но едно им е заедничко: се месат со многу љубов и се јадат топли! Колачите наречени василици се подготвуваат од лиснато тесто, а некои се преливаат со мед. Исто така василица е назив и за проја која во некои краишта се служи на 14 јануари со тоа што се украсува на свечен начин.
Слатките василици се шараат така што неколку стракчиња слама се врзуваат со конче, па потоа со врвовите се боцка тестото и така се формираат дупчиња во облик на крст. За пројата-василица домаќинката со ист таков сноп ќе извади малку од тестото кое потоа му се дава на добитокот за да биде напреден и здрав цела година.
Republika.mk