Во седиштето на ДУИ во Мала Речица сеуште трае седницата на Централното претседателство кое заседава во проширен состав со присуство на новоизбраните пратеници од последните парламентарни избори.
Портпаролот на партијата Бујар Османи изјави дека се работи за принципиелна дебата на членовите на Претседателството во која се разгледуваат сите опции.
– Ова е продолжување на процесот на анализи што е започнат уште пред неколку денови околу аргументите „за“ и „против“ сите пет опции што се ставени на маса, а кои се веќе познати – коалиција со ВМРО ДПМНЕ, со СДСМ или широка коалиција, да одиме во опозиција или на нови избори. Се работи за принципиелна дебата на членовите на Претседателството, рационална дебата каде се разгледуваат сите опции. За нас пред се е важен договорот, односно платформата што е потпишана меѓу нас и граѓаните Албанци и ни е важен начинот на кој тој договор ќе го реализираме. Останува во текот на денот да поминеме од дебата на принципи на поконкретни предлози за што ќе бидете навремено информирани, рече Османи.
Тој ги отфрли сите информации за одредено определување на партијата за некоја од опциите.
– Категорично ги отфрлам сите шпекулации дека има одредени преференции. Ахмети има и право сам да одлучува за можните чекори, меѓутоа неговата цел е да го слушне мислењето на сите членови на Претседателството во однос на сите опции што тој ги има ставено на маса за да ја донесе најдобрата и најздравата одлука. Уште еднаш ќе ги отфрлам најкатегорично шпекулациите дека има некаков раздор во партијата и има некакви преференции на едните или на другите. Нас не ни е важна воопшто политичката судбина ниту на СДСМ, ниту на ВМРО ДПМНЕ. Нас ни е важна реализацијата на платформата и договорот што сме го потпишале со Албанците на 11 декември. Не можам да прејудицирам сега како ќе биде текот понатаму. Важно е дека во оваа фаза има конструктивна дебата каде пред се зборува за принципи, а понатаму најверојатно ќе влеземе во поконкретни предлози и согласно на тоа ќе видиме дали ќе успееме денеска да завршиме или ќе продолжиме во наредните денови, рече Османи.
Во однос на тоа дали ќе биде испочитуван рокот за формирање на влада што истекува утре на полноќ, Османи го повтори ставот дека за ДУИ е поважно одлуката да биде правилна и соодветна на интересот на граѓаните и на државата, отколку да биде навремена.