Православните христијани го слават големиот празник Сретение Господово. Со тоа се одбележува првата средба на Бог и човекот во храмот во Ерусалим.
Сретението Господово во народот се толкува како ден кога се сретнуваат зимата и летото. Некаде се вели и Свртение, бидејќи од овој ден се врти зимата кон летото.
Се верува дека на овој ден мечките излегуваат од пештерите и гледаат дали има сенка. Ако ја има, тогаш се враќаат во пештерата да спијат уште 6 недели, колку што ќе трае зимата. Ако нема сенка, тогаш одат да бараат храна.
Обичај е на овој празник задолжително да се запали свеќа, бидејќи се смета дека има скриена волшебна моќ и дека куќата ја штити од грмежи и други несреќи.
Девојките добро внимаваат кого прв ќе видат изутрина, бидејќи се верува дека идниот младоженец ќе личи на машката личност која ја сретнале тој ден.