Огромен број јавни личности- актери, спортисти, пејачи… ја поддржаа иницијативата ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА. Велат дека немаме друга татковина и сите заедно треба да се бориме за Македонија. Веќе петти ден повикуваат да се зачува унитарноста на државата.
Го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да нè поддржи, масовно во одбрана на унитарна и заедничка Македонија, истакна актерот Ванчо Петрушевски кој се приклучи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
-Не се лажеме, нашата цел е искрена и оправдана и очекуваме секој кој ја сака својата татковина, кој ја почитува историјата, но и посакува иднина да се приклучи кон нас. Еднаш засекогаш да се знае дека седење настрана нема. Потребна е акција. Сега дојде времето. Ајде сите заедно за заедничка Македонија, вели Петрушевски.
Тој додаде дека немаме друга татковина и сите заедно треба да се бориме за Македонија.
Македонската пејачка Андријана Јаневска преку социјалните мрежи даде поддршка на граѓанската иницијатива за заедничка Македонија.
-Дамјан Груев рекол: Маките на татковината се поголеми од сите страдања на секоја наша мајка, напиша Јаневска.
Атанас Николовски е еден од бројните македонски спортисти, кои даваат поддршка на Иницијативата за „Заедничка Македонија“.
Знаменосецот на отворањето на Олимписките игри во Пекинг, најдобриот македонски спортист за 2010 година и еден од најдобрите македонски кајакари, вечерва ќе го развее Македонското знаме и ќе се приклучи на мирниот протест.
Спортистот, кој редовно и носи медали на Македонија од големите натпреварувања во каратето целосно застана во одбрана на Македонскиот идентитет, но и порача дека спортистите се пример како треба да се однесуваат сите лојални граѓани на нашата држава.
Несторовски е носител на бронзен медал од Европското првенство, носител на бронзен медал од првите Европски Олимписки игри, кои се одржаа во Баку, во 2008 год. беше прогласен за каратист на Македонија, а во 2011 год. беше најдобриот светски каратист, откако ја освои премиер карате лигата. Тој е и носител на Националното спортско признание, или популарната “спортска пензија” за сето она што го има сторено за државата.
Во продолжение ви го пренесуваме неговиот ФБ статус.
Успехот на младите Македонски фудбалери, на борачите, боксерите, каратистите, атлетичарите, скијачите, е успех на целата Македонија. Гордоста на спортските борилишта ни ја носат и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Роми и сите останати. Државните бои ги браниме сите, без разлика на националната, весрската или друга припадност. Како спортисти сме должни да го браниме државниот грб и знаме на сите наши настапи. Ве повикувам сите да дадете поддршка на мирната иницијатива за „Заедничка Македонија“. Затоа што Македонија е се што имаме.
Најважно е да пратиме порака до сите надвор од Македонија дека ова е мирољубива земја, порача и пејачката Калиопи, која се приклучува на иницијативата ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА.
-Доста е со отстапки за мир во куќа, доста е затоа што тие во процесот од осамостојувањето наваму се покажаа контрапродуктивни, затоа доста е. Во Република Македонија нема никој што да бара, посебно не ултимативни барања и Платформи, наместо таква Платформа треба да се направи Платформа за економски и културен просперитет, кажа Запро Запров пред насобраниот народ пред Собранието на Република Македонија.
„Браќа Македонци и наши сограѓани од сите нации и вери се поклонувам на вашето достоинство, така се брани Македонија, така се бранат нејзините вредности, наместо шарање на нашето историско паметење, на нашето историско богатсво, вака се брани Македонија. Доста е со отстапки за мир во куќа, доста е затоа што тие во процесот од осамостојувањето наваму се покажаа контрапродуктивни, затоа доста е. Во Република Македонија нема никој што да бара, посебно не ултимативни барања и Платформи, наместо таква Платформа треба да се направи Платформа за економски и културен просперитет, тогаш ќе ја прифатевме со отворени раце, во Македонија сите граѓани ги уживаат правите на висина на сите меѓународни стандарди, а особено нашите сограѓани, македонските Албанци, имаат универзитет на својот јазик, имаат телевизии, имаа двојазичност каде што е повеќе од 20 проценти, затоа ова барање е во најмала рака непристојно. Јас повикувам на разум, на љубов, на сплотеност, само така можеме да опстанеме на овие простори, ова што и се случува на државата во последните 2 години е само за разнебитување на Македонија, ако има граѓанин кој тоа не го сфатил треба да му покажаме да му докажеме, затоа што сите овие барања се нереални, немаат основа, а нашиот идентитет македонскиот ние Македонците го носиме, гинеме за него, страдаме за него, пееме за него, го носиме во нас. Единствено ние Македонците го изнесовме низ сите историски премрежија, низ историјата до ден денешен и тој нам ни припаѓа, т.н. меѓународна заедница од нас бара самите да се укинеме. Македонскиот народ низ историјата дал најголеми цивилизациски придобивки на светот, преку Филип кој создал прва држава на европските простори, преку Александар, тој е најголемиот обединител, војсководец, научник. Преку Аристотел, најголемиот филозоф, некој вели тој е туѓ, тој е наш, тој се родил, израснал, се школувал во дворот на Филип Македонски, преку Кирил и Методиј, Апостол Павле, преку Лиља Македонката, која е првата христијанка на европско тло. Како и нашата сограѓанка светицата Мајка Тереза. Во тоа име повикувам на меѓумакедонско помирување, доста е со делби, со омраза, доста е затоа што само сплотени може да си ја одбраниме татковината, заедничка на сите граѓани на Македонија. Таа мора да остане на нашите идни поколенија“, заврши Запро Запров.
И оперскиот пејач Игор Дурловски даде поддршка.
Ние граѓаните „За заедничка Македонија“, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои живеат во нашата татковина, бараме сите политички партии заедно со граѓаните да изготват Платформа за заедничка Македонија, вели актерката Снежана Конеска Руси.
„Почитувани граѓани, сожители, пријатели, граѓани од Скопје, граѓани од цела Македонија, здружението „За заедничка Македонија“ како што и сами знаете поднесе неколку барања до владата на Република Македонија и претседателот Ѓорге Иванов. Едното од барањата за претседателот Иванов беше да го почитува Уставот, да не доделува мандат по истекување на рокот, кој веќе е навистина истечен, но затоа што давањето на мандатот на Платформа од друга држава ќе го направи соучесник во разнебитувањето на Република Македонија, ова барање е веќе усвоено, првиот дел од битката е добиена, понатаму следуваат и ве потсетуваме на следните наши барања:
-Ние граѓаните „За заедничка Македонија“, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите други кои живеат во нашата татковина, бараме сите политички партии заедно со граѓаните да изготват Платформа за заедничка Македонија, тука во главниот град на Република Македонија и да ги отфрлат Платформите пишувани во туѓи држави.
-Бараме од политичките партии, во преговорите да не помислуваат да усвојат владина програма која не би била изгласана од граѓаните на изборите.
-Бараме исто така од партиите, а посебно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да не допуштат да се гласа во Собранието законот за двојазична Македонија, затоа што тоа ќе биде вовед во редифинирање на Република Македонија“, изјави актерката Снежана Конеска Руси.
Актерката на крај кажа дека продолжува со активната борба, за нашиот Македонски јазик.
Поддршка за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонја“ преку социјалната мрежа Фејсбук даде и маратонецот Томи Стефановски.
-Сите треба да стоиме исправено под едно знаме и да пееме иста химна, да ја сакаме татковината независно од нашата националност, вера… Пред се треба да сме Македонци и да се залагаме за ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, пишува најуспешниот македонски маратонски пливач Томи Стефановски на социјалната мрежа Фејсбук, споделувајќи и видео од интонирање на македонската химна.
Кајакарот Љубомир Спасиќ, кој е четврто место на Европска ранг листа и најдобар кајакар во РМ за 2016 година на својот ФБ профил напиша дека нема да дозволи ниакква поделба ан нашата држава и промена на знаме, име и химна.
-Државните бои кои со цело срце ги бранам и химната која на цел глас ја пејам е мојата најголема мотивација. Нема да дозволам никаква поделба на нашата држава, нема да дозволам промена на знаме,име и химна. Мултикултурно општество во кое живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Власи, Срби и сите останати заедно е опцијата за оваа држава. ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА!!!, напиша Спасиќ.
Владимир Блажев е еден од бројните македонски музичари, кои даваат поддршка на Иницијативата за „Заедничка Македонија“.
Пејачот во својот пост на ФБ објави дека бидејќи тој нема врска од пеење и за да не ни го расипе денот, на „челинџот“ да уснимат рефрен од македонска песна (поп или традиционална) и да постираат ги предизвика: Димитар Андоновски, Дарко Илиевски, како и Влатко Лозановски.
Тој иако не го прифати челинџот на својот ФБ профил објави македонска песна од која и тој е дел.
Македонскиот јазик е нашата единствена и вистинска татковина. Затоа не за двојазичност, не за втор службен јазик, службен јазик на оваа држава е Македонскиот јазик и името на оваа држава е Македонија, кажа Васил Зафирчев пред насобраните граѓани пред Собранието на Македонија.
„Драги мои сограѓани, богољуби, почитувани граѓани на Република Македонија, драг мој Македонски народе, јазикот е наш долг и наше право, ние мораме да го чуваме затоа што е наш, како што е наша и татковината. Народ без јазик е налик на човек без пат, кој не знае кој е од каде е и каде оди, напиша пред повеќе од 100 години големиот Македонец Крсте Петков Мисирков. И после речиси повеќе од век и половина, во 21 век, во современа Европа, во современа Македонија, ние повторно се соочуваме со предизвикот да го сочуваме јазикот, да го сочуваме името наше Македонско, да ја сочуваме државата таква каква што ја имаме, таква каква што ја сакаме, една единствена, унитарна и суверена, рече Зафирчев.
Тој нагласи дека за да го сочуваме името наше Македонско и нашиот културен идентитет, ние најпрво мора да го сочуваме јазикот, оти јазикот е душата на овој народ, јазикот наш македонски е мислата на овој народ, тоа се чувствата на овој народ, тој е срцето на нашиот идентитет, тоа е нашиот дом и дом на сите Македонци ширум светот.
-Македонскиот јазик е нашата единствена и вистинска татковина. Затоа не за двојазичност, не за втор службен јазик, службен јазик на оваа држава е Македонскиот јазик и името на оваа држава е Македонија. Двојазичноста драги мои сограѓани не е ништо друго туку вовед во двонационалност, а двонационалноста сукцесивно и на долг рок води кон територијално редифинирање и поделба на државата, а поделената држава веќе нама да биде Македонија како што денес ја имаме и нема да се вика Македонија, каква што денес ја сакаме. Затоа не за срамните Платформи иницирани и донесени надвор од оваа територија, таа Платформа не е резултат на соживотот и дијалогот меѓу Македонците и Албанците, таа Платформа не беше ниту дел од изборната програма на партиите за кои што народот гласаше на последните парламентарни избори, таа Платформа значи само едно, тајни преговори и лицитирање со националните и државните интереси, меѓу кои и јазикот и името се суштински и еклатантно важен дел, рече Зафирчев.
Ова што ни се случува, порача Зафирчев, не е ништо друго, туку грубо и брутално мешање во внатрешната работа на државата.
-Ова не води никаде, освен во уривање на темелните вредности на уставниот поредок на државата, унитарниот карактер на државата, а со тоа на нејзиниот суверенитет и интегритет. Ќе завршам со уште една мисла од еден голем Македонец, Петре М. Андреевски, кој напиша: Стравот е страшен само за оние кои му се плашат, а ние драги Македонци, ќе го имаме името Македонско додека го имаме јазикот Македонски, немаме од што да се плашиме. Ова е народ, мирен народ, добар народ, трпелив народ и ве молам драги мои сограѓани, овие мигови бараат да бидеме заедно, сплотени во одбрана на она што е наше и што ни припаѓа, да живее Република Македонија, да живее Македонија една, единствена, унитарна и суверена, тоа нека биде вечна поука и вечна порака за нас и за сите идни генерации, заврши Васил Зафирчев.
Внуката на Крсте Петков Мисирков, Елена Мисиркова порача да направиме сè што е во наша моќ, држава да остане унитарна.
Протестот за зачувување на унитарноста на Р. Македонија веќе 4 дена го поддржуваше и професор доктор Кочо Чакаларовски.
Според него сите заедно треба да се избориме да ја сочуваме монолитноста мултиетничноста и граѓанската ориентација на државата.
-Секој да си ја кова својата среќа. Јас сум по потекло Влав и сметам дека во оваа држава нашите права се на највисоко можно ниво. Имаме училишта од четврто до осмо одделение, право на културно изразување, на организирање, состаноци, на различни културни манифестации дури и на телевизија имаме своја програма итн, рече Чакаларовски.
Посочи дека желбата на народите да живеат во етнички држави е легитимна, но не треба да биде по секоја цена.
– Доколку животниот простор на тие народи се испреплетува зарем треба да се поведе истребувачка војна до Пирова победа. Сега во 21 век –не! Треба да ја прифатиме крилатицата на ЕУ, да се изедначиме во различностите, а не да се делиме . По 8 пат ЕУ ни испраќа спасоносен зрак, да почнеме да работиме сите заедно, да станеме де факто Европејци каде што ќе се сублимираат сите народи и етноси на Балканот и така ќе се оствари големиот сон на Робер Шуман, сите ние да живееме во една голема обединета држава и да го исполниме сонот на Гоце Делчев за културен натпревар на народите, рече Чакаларовски.