Дачиќ: Како ќе се однесува Македонија кон нас, така ќе се однесуваме и ние кон неа


Официјален Белград ќе се однесува на ист начин како што Македонија ќе се однесува кон Србија, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, коментирајќи ја реакцијата од неговиот македонски колега по неговите оценки за името, пишува „Вечерње новости“.

– Повеќепати им кажав на македонските претставници. Како вашата држава ќе се однесува кон Србија на меѓународната политичка сцена и организации, така и ние ќе се однесуваме кон вас, изјави Дачиќ.

Посочи дека понатаму воопшто не би сакал да разговара на таа тема.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, претходно изрази жалење во однос на изјавата на Дачиќ во Атина, дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставно име.

– Со Србија заедно бевме во една федерална држава, како Република Македонија и Република Србија и споделуваме толку многу нешта. Убеден сум дека двата пријателски народа преферираат да имаме односи базирани на заемна почит, разбирање и европски дух, наведе Димитров во својата реакција.

„Вечерње новости“ потсетува дека Македонија беше една од вкупно 92 земји кои на Генералното собрание на УНЕСКО гласаа за прием на Косово во организацијата.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1