Косово го ослободи Лирим Јакупи-Нацист, кој пукаше во тројца македонски полицајци


Судот во косовскиот град Гњилане го ослободи Лирим Јакупи-Нацист, член на герилските групи на етничките Албанци во Косово, Македонија и Србија, осуден за нападот врз македонската полиција во 2014 и 2004 година.

Обвинителството тврди дека на 15 септември 2015 година Јакупи и уште едно лице отвориле оган врз тројца униформирани полицајци во Скопје. Тогаш полицајците Зоран Ангеловски, Васко Ивановски и Елза Дурмировска беа сериозно повредени од истрели додека патролирале во полициски автомобил.

„Со пукањето врз тројца полицајци Лирим Јакупи се обиде да ги убие, намерно ги загрозил нивните животи, постапил безмилосно и насилно во време кога тројцата униформирани лица си ја вршеле својата должност и го бранеле правниот поредок и го одржувале јавниот ред и мир“, се наведува во обвинението.

Јакупи се приклучил на Ослободителната војска на Косово во 1998 година и се борел против српските безбедносни сили. Бил вклучен во формирањето на Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, УКПМБ. Во 2007 година бил уапсен од страна на меѓународните безбедносни сили, но избегал од косовскиот затвор Дубрава во 2007 година. Три месеци по неговото бегство од затворот, македонската полиција извршила рација во селото Бродец на планината Шара, каде неколку членови на неговата група биле убиени, неколку уапсени, а тој избегал.

Во јули 2008 година, македонските судови во отсуство го осудија Јакупи на 15 години затвор, за организирање терористичка група и нелегално поседување оружје.

Тој повторно беше уапсен од страна на косовската полиција во 2010 година. Тогаш во неговиот стан биле пронајдени автоматска пушка калашников, две рачни гранати и два пиштола.

Во јануари 2014 година Лирим Јакупи, бил уапсен од европската полиција на Косово, и тоа токму во моментите додека излегувал од затворот Дубрава.

Како што информираа косовските медиуми, тој бил уапсен на самиот влез од затворот, а причина за тоа е што македонското МВР распиша повеќе потерници за него за извршени кривични дела во земјава.

Тој е поранешен припадник на ОВК, кој по конфликтот во 2001 година се поврза со групата на Агим Красниќи од Кондово. Македонската полиција го бара поради повеќе криминални дела, како и поради настаните од 2007 година во тетовското село Бродец кога поголема вооружена група беше разбиена од македонската полиција. Тој тогаш успеа да избега на Косово додека неговиот ортак и соборец Рамадан Шити беше убиен во таканаречената акција „Планинска бура“. МВР тогаш соопшти дека косовските власти ги известиле за апсењето на Јакупи.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1