Петнаесет години по откривањето на мумифицираниот скелет на хуманоидното суштество, што беше пронајден во напуштен рударски град во чилеанската пустина Атакамa, научници од Калифорнија успеаја да ја откријат неговата загатка.
Скелетот долг 15,2 сантиметри, кој беше продаден на колекционер од Шпанија, изгледа и делува толку бизарно што дури во еден документарен филм послужи и како потенцијален доказ за постоењето на вонземјани.
Но, преку ДНК примерок од коските на мумијата научниците успеаја да ја склопат целата слика за трагичната и вистинита животна приказна на индивидуата позната како Ата.
Наместо посетител од друг свет, Ата е всушност девојче кое наверојатно било мртвородено или починало веднаш по раѓањето и тоа со деформирачки мутации кои на многу невообичаен начин го обликувале нејзиното тело.
Ата е пронајдена во 2003 година во местото Ла Норија, поранешен рударски град каде се ископувал натриум нитрат и тогаш била завиткана во бело платно и заврзана со виолетова лента.
Скелетот иако е долг само петнаесетина сантиметри коските имаат одлика на дете од шест или осум години. Таа наместо вообичаените 12 пара ребра има десет, а главата е со издолжен конусоиден облик.
Сите овие невообичаени факти за мумијата го заинтересираа професорот по микробилогија и имунологија на калифорнискиот универзитет „Стенфорд“, Гери Нолан, кој се понуди да ги проучи. Тој заклучи дека Ата е несомнено човек, но дека причината за нејзините драматични деформитети е сѐ уште непозната.