Поминаа 20 години од трагичната смрт на принцезата Дајана во сообраќајната несреќа во Париз. Во своето прво интервју, пожарникарот кој се обиде да го спаси нејзиниот живот, откри непознати детали во врска со нејзината смрт.
Ксавијер Гурмелон, кој 22 години работел во противпожарната служба, одлучи да проговори за смртта на принцезата Дајана за британскиот магазин “The Sun”, бидејќи како што вели сега е во пензија.
Тој се потсетил дека на неговата екипа им биле потребни 3 минути до тунелот Pont de l’Alma каде се случи и несреќата. Неговиот тим од 10 членови излезе на терен и веднаш се фатиле за работа, за побрзо да утврдат на кој му е потребна помош и кој сè уште е жив.
Тие не знаеле дека во автомобилот е принцезата Дајана.
Како што се сеќава Гурмелон, кога пристигнал до мерцедесот, жената во автомобилот го запрашала: “О, Боже, што се случи?”.
На нејзиното десно рамо забележал мала повреда, а покрај тоа вели дека на неа немало воопшто крв.
“Жената за која дознав дека е принцезата Дајана беше падната долу на задното седиште. Се движеше многу споро и можев да забележам дека сè уште е жива”, вели Гурмелон за магазинот.
“Ѝ го масирав срцето и после неколку секунди повторно почна да дише”, вели тој.
За него, во тој момент било големо олеснување, бидејќи неговата работа е да спасува луѓе.
“Искрено сметав дека ќе преживее. Колку што знаев, беше во болница и беше жива, јас сметав дека ќе преживее. Меѓутоа, подоцна дознав дека почина во болницата”, вели пожарникарот.
“Цела таа епизода ќе ми биде секогаш во мислите. Сеќавањето на таа ноќ засекогаш ќе остане во мене”, вели Ксавијер во своето прво интервју.
Тој за прв пат проговорил за принцезата, бидејќи додека бил на должност не му било дозволено да зборува за тој настан.