Европскиот парламент денес со 420 гласа „за“ го поддржа отворањето преговори за либерализација на визите за граѓаните на Косово.
Известувачот за либерализацијата, пратеничката Тања Фалон пред почетокот на гласањето кажа дека Косово ги исполнило сите услови и ги повика пратениците на ЕП да ја поддржат либерализацијата на визите.
По одлуката на ЕП, треба да почнат разговорите со земјите членки на ЕУ за во понатамошна постапка за тоа конечно да се изјаснат министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ. Во име на Европската Унија разговорите со земјите членки ќе ги води Тања Фалон.
Првично беше предвидено гласањето за либерализација на визите за Косово во Европскиот парламент да се случи во октомври, но дел од парламентарните групи побараа да се гласа на септемвриската седница.
Европската комисија на 18 јули годинава соопшти дека Косово ги исполнило сите 95 услови и ѝ предложи на ЕУ да го либерализира визниот режим за граѓаните на Косово, кои единствени во регионот не можат да патуваат без визи во земјите од Шенген зоната.