Ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Па така, ниту актуелната влада не добила мандат од народот ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората, за губење на историјата и паметењето, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на Македонската Православна Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ во Детроит.
„Република Македонија е трајна придобивка. Но, со спогодбата со Грција и претстојниот референдум, таа трајна придобивка сега се релативизира. Како да не се сфаќа дека со релативизирање на трајното, ние се релативизираме и како народ. Со оваа спогодба се обидуваат да нѐ понижат, како што ниту еден народ никогаш не бил понижен. Сакаат да нѐ направат недоветни сметајќи дека не знаеме како се викаме“, рече претседателот Иванов, кој го повтори ставот дека нема да гласа на референдумот на 30 септември.
„Преродбениците се бореа за слобода од духовното ропство. Револуционерите се бореа за слобода од политичкото ропство. Зарем сега ние, по сите тие жртви ќе влегуваме во ново ропство? Зарем ќе се одрекуваме од слободата да се наречеме според нашето сопствено име. Зарем ќе се стеснуваме да кажеме дека постои Република Македонија, плашејќи ако спомнеме Република Македонија да не навредиме некој. Да се каже Република Македонија не е ни срам ни страв“, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател присуствуваше на литургија и осветување на фрескоживописот во црквата, и ги посети децата од македонско потекло што изучуваат веронаука.
„Кога пишувате, зборувате и творите на македонски јазик, вие активно учествувате во изградбата на нашата идеална татковина. Македонија е татковина на старословенскиот црковен јазик. Наш долг како Македонци е да го чуваме и постојано да го унапредуваме нашиот македонски јазик. Затоа, мој апел до вас денеска е да не го оставите и заборавите македонскиот јазик. Да ги учите вашите деца, да ги поттикнувате вашите блиски, да бидете пример и охрабрување за Македонците во дијаспората, но и во Република Македонија“, рече претседателот Иванов пред претставниците на црковната заедница во Детроит.